Ниту славје ниту поддржувачи. Плоштадот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден го користеа само скејтерите, но набрзо и тие беа замолени да си заминат. Од разгранокот на СДСМ во Центар, сместен во соседната зграда, будно ја следеа „тишината“ од спротива. Прв пред новинарите се појави генералниот секретар на партијата Игор Јанушев.
„Се освен победа ќе фрли сенка на изборниот процес…“, рече Јанушев.
Ја немаше еуфоријата од првиот круг. И два часа по завршување на гласањето, во опозицискиот штаб не беше видлив никој од челниците на партијата.
„Ги нема ниту Мицкоски, ниту Сиљановска…
-Барајте ги нив, благодарам.“, ни рекоа младите симпатизери на најголемата опозициска партија.
Празнината што ја остави ВМРО-ДПМНЕ, новинарските екипи ја пополнија со следење на ракометниот меч меѓу Вардар и Пик-Сегет. И тогаш се појави човекот што редовно ги имал деталите.
„Што велат вашите првични информации?
-Ќе видам сега, доаѓам од избирачко место, ќе видам сега горе.“, кусо прокоментира членот на ИК на партијата и пратеник Влатко Ѓорчев.
И додека „горе“ се анализираше, отспротива почна славје. ВМРО-ДПМНЕ одговори на провокацијата.
Ѓорчев тивко го напушти седиштето, а околу 22 часот во штабот на ВМРО-ДПМНЕ пристигна францускиот амбасадор Кристијан Тимоние. Кандидатката Гордана Сиљаноска–Давкова ни рече дека Тимоние дошол за лично да и изрази комплименти. По долгиот завршен говор, во кој патем им се заблагодари на новинарите и за непријатните прашања во кампањата, се појави проблем токму со такво прашање.
„Имам едно прашање – зошто немате сила и Вие и господинот Мицкоски да воведете политичка култура во оваа земја конечно на основа на резултатите да им се обратите и да им честитате и на Пендаровски и на коалицијата?
-Па јас честитав, прво тоа не е политичка култура, тоа е лаичко толкување на политичка култура, значи систем на ставови, однесувања кон нештата и ние имаме во Макеоднија поданичка политичка култура.. Не знам што очекувавте од мене. Јас реков дека го признавам резултатот, но, по сето она што ми се случуваше по телевизиите, претпоставувам дека не очекувате со восклик да го поздравам тоа.“, рече кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-За жал, ќе мора госпоѓо Смилевска да се навикнете и на луѓе кои не се восхитуваат на ликот и делото на Заев Зоран и Пендаровски Стево.“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Лидерот на опозицијата сепак математички прецизно призна дека Пендаровски ги добил изборите, но побара техничка Влада и предвремени парламентарни избори. За тоа на помош ја повика и професорката Сиљаноска–Давкова.
„Не, во моментов јас за тоа не одговассрам. Јас се нафатив за претседателски избори да учествувам, воопшто не сум размислувала за тоа.“, рече Сиљаноска Давкова.
„Милиметри навистина не делеа од победа, тоа е што е. Јас реков дека од утре ги засукуваме ракавите и почнуваме за победа за следните спарламентарни избори. Сега дали тоа ќе бидат предвремени или редовни, ние побаравме предвремени, но сепак знаете, повторно се потребни 61 глас во рамките на парламентот за истиот да се распушти. Јас не очекувам, бидејќи они ги знаат бројките, ја знаат вистинската реалност колку тежи Зоран Заев и СДСМ во моментот, така што не очекувам дека од нечестити луѓе и нечестити политичари ќе имаме честит гест.“, рече Мицкоски.
По пресот партискиот штаб експресно се испразни. Пред него, со последно јавување за вестите на Ал Џезеира остана новинарката Милка Смилевска, која го постави прашањето – зошто немаше честитање на победата.
„Да ви кажам искрено, одговорот на Христијан Мицковски, на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го доживеав како лична дискредитација. Како јас како новинар да прашувам прашање во име на некоја партија, а не од позиција на претставник на медиумите, која и има право да добие одговор на секое прашање. Го доживеав како навреда и ме потсети на времето како Никола Груевски од позиција на премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ нас новинарите не дискредитираше и не ставаше во еден или во друг табор. Мислам дека и тоа му го порачав на крајот на Мицкоски, ако сака еден ден да се врати на власт и да биде на чело на извршната власт, тогаш треба да го промени начинот на однесување кон медиумите и да се однесува со почит.“
До следното непријатно прашање на Смилевска или на друг новинар.
Напишете коментар