Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска на денешните пратенички прашања во Собранието, упати прашање до министерката за образование и наука Мила Царовска дали планира да им излезе во пресрет на средношколците кои ја бојкотираат наставата бидејќи бараат да полагаат два, наместо четири предмети во рамки на државната матура.
„Дел од матурантите остануваат на барањата, слушнавме дека имаат и закани и притисоци од претставници на училиштата. Бараат олеснување затоа што им беа ветени скратени програми и немање услови за онлајн настава. Велите дека 90 отсто од учениците имале услови за онлајн настава. Не знам зошто се изразувате во проценти туку во бројки треба. Едно дете да остане без компјутер тоа значи дискриминација, зашто согласно Устав образованието е задолжително и вие требаше да го обезбедите. Дали МОН останува на ставот за матурата и нема да им излезе во пресрет на барањата на средношколците, да напоменам дека многу земји ги укинаа испитите оваа година поради пандемијата. Не велиме да не полагаат матура, но велиме дека нивните барања треба да ги слушнете. Од задолжителните предмети се исклучени неколку содржини само по македонски јазик. За другите предмети скратена програма нема“,
рече Ласовска.
Царовска го повтори ставот дека Министерството за образование и наука има обврска да ја спроведе државната матура за средношколците кои сакаат да се запишат на факултет. Министерката додаде дека опозицијата повикува на бојкот на закони, иако вели, функционерите се должни за нивно спроведување.
„Согласно законот наша обврска е да им го оствариме правото на матурантите да полагаат матура за да се запишат на факултетите во државата и надвор од неа. Ако не обезбедиме матура им го скратуваме правото на учениците да се запишат во високо образование. Она што е дадено како концепција е дека имаме право на училишна матура или стручен испит за тие што не сакаат да полагаат матуара. Државната матура е избор. Тоа што вашата партија повикува бојкот на закон треба да се дескутира во Собрание. Сите ние имаме обврска да ги спроведуваме законите. Лани бевме во вонредна состојба во која денеска не се наоѓаме и лани имаше уредби со кои се донесе одлука да не се полага матура и таа престана да биде услов за запишување на факултет но само во нашата држава. Нагласувам дека сепак се направи неправда на ученици кои сакаат да учат во страство. Дури и на едно дете да му го скратиме правото да го оствари сонот сме направиле грев“,
рече Царовска.
Царовска посочи дека повеќе од 14 000 ученици се пријавиле за полагање на државна матура, а тоа, како што вели е приближно како годините наназад. Нов концепт вети дека ќе има од в година.
„Ние сме во комуникација со средношколските здруженија за в година да подготвивме нов концепт за матура која ќе биде современа, зашто е факт дека моменталната концепција е под застарен модел. Но, ние направивме измени и во постојната концепција и воведовме два дополнителни избпрни предмети и ја усогласивме проектната задача за да биде интересна за учениците“,
рече Царовска.