До ДСЗИ досега се пристигнати четири изјави од пациентки заверени на нотар, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред осум години
За случајот со директорот на болницата во Струга, гинекологот Мухамед Асани, кој си направил ординација во својот дом и прегледувал пациентки, поведена е иницијатива до Основното јавно обвинителство (ОЈО). Тој денеска е повикан на разговор во Владата, информираше вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, но не кажа конкретно дали тој ќе биде разрешен од директорската позиција.
На прашањето дали ќе биде разрешен, тој истакна дека секој ваков случај треба да се расчисти до крај, ќе бидат преземени сите мерки и оти е клучно што веќе е поведена постапка до ОЈО.
Иницијативата до Обвинителството од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја повеле вчера.
„Јас бев во целосна комуникација и координација со директорката на ДЗСИ, тимовите ги разгледаа сите прозивки, односно сите материјали, документи, информации коишто беа доставени до мене и до ДЗСИ. Веднаш се реагираше на терен, направен е инспекцискиот надзор. Констатирано е дека таму постои ординација којашто на некој начин е на диво и веднаш е дадено решение за забрана за вршење на дејноста во тие простории на докторот Асани“,
вели Николовски.
Филипче го информирал вицепремиерот и дека во случајот ќе има и стручен надзор од Лекарската комора, па Николовски вели оти очекува брзо и ефикасно да се расчисти случајот.
Информациите дека ДСЗИ му забрани на Асани да работи во домашната ординација и се обрати до ОЈО доаѓаат откако направи вонреден инспекциски надзор. Во контролата имаше и полициска асистенција, а надзорот утврдил дека гинекологот дома има комплетно опремена гинеколошка ординација која не е регистрирана, нема дозвола за работа ниту документи за основање фирма. До овој инспекторат досега се пристигнати четири изјави од пациентки заверени на нотар, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред осум години.