Би сакала да имаме попис како стандардна статистичка операција, по извесни правила, а не политичка операција со извесен резултат, вели професорката и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, го посоветува претседателот Стево Пендаровски, нејзин противкандидат на изборите во 2019 година, да го прочуи хрватскиот Закон за попис пред да одлучи дали ќе го потпише законот што македонското Собрание го донесе минатата седмица, во отсуство на опозицијата.
Во статус на Фејсбук, Силјановска посочува дека македонскиот Закон за попис не е по теркот на европските регулативи за спроведување на статистичката операција.
„Би сакала да имаме попис како стандардна статистичка операција, по извесни правила, а не политичка операција со извесен резултат! Не е доволно да му залепите на еден законски текст европско знаме, туку да го втемелите на стандарди. Џабе е повикувањето на ЕУ регулативите, ако не се вградени во него, туку се најавува дека ќе се вградат на пописот во 2031! Овој закон не ме прави среќна, оти не личи на европските закони за попис, ниту на оние од државите во регионот. Не мора да ми верувате на збор, само отворете ги словенечкиот, бугарскиот, хрватскиот или српскиот и споредете го нашиот со нив. Не е сличен, различен е. До кога ќе бидеме различни таму каде што сите се стандардни? И на претседателот Пендаровски му препорачувам да го отвори Законот за попис на Хрватска, на пример, и да го спореди со ‘нашиот’ пред да го поттпише указот за прогласување“,
пишува Силјановска.