Новите кадри во МВР ќе мора да ја поминат и безбедносната проверка, бидејќи е услов за некој да може да работи во оваа институција
Од УЈП велат дека ќе ги распоредат новите кадри на места каде имаат недостаток на вработени
Дел од вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците кои министерот Артан Груби ги трансферираше во МВР, може и да не добијат работа во полицијата, велат од ресорот кој го води Оливер Спасовски. Колку од 143 нови кадри кои се прераспределени на хартија, ќе почнат да работат во МВР и во пракса, ќе зависи од тоа дали ќе ги поминат безбедносните проверки.
Од МВР велат дека процесот е започнат, а новите кадри првично ќе треба да ги потпишат новите договори за трансфер во рамки на Министерството за политички систем и односи со заедниците.

„По завршената постапка, во рамки на институциите кај кои се распределуваат вработените ќе бидат спроведени соодветни постапки и обуки како и за секој нововработен, како би можеле соодветно да ja извршуваат својата работна задача. Напоменуваме дека оние лица што се распоредуваат во МВР прво ќе треба да поминат безбедносна проверка, затоа што тоа е услов за некој да работи во МВР“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Ставот на МВР е одговор на прашањата кои „360 степени“ ги упати до повеќе институции кои добија дел од вкупно 1 349 вработени во Министерството за политички систем, кои досега не одеа на работа а земаа плата.
Меѓу тие институции е и УЈП, институција која ќе добие 92 нови кадри, што преставува прилив од +8,2% во бројот на вработени. Од институцијата која ја води директорката Сања Лукаревска, најавија дека ќе бараат кадрите што им ги праќаат да бидат од определен профил и дека ќе ги распределат согласно сопствените потреби.

„Заради посебноста на надлежноста на УЈП, напоменуваме дека процесот во Управата ќе се врши преку систематизација на работните места, согласно условите кои ги исполнуваат лицата, и ќе укажеме на потребата од економисти и правници кои се потребни за одредени работни позиции во УЈП. При постапката, УЈП посебно ќе води внимание, вработените да бидат распоредени на места каде што недостасува кадар. Дополнително, доколку е потребно ќе се спроведат соодветни постапки и обуки за секој нововработен, со цел соодветно да ја извршуваат работна задача на местото на коешто се распределени“,
ни одговорија од УЈП.
Никој не ги прашал институциите?
Одговорите од МВР и од УЈП, дека допрва ќе проверуваат дали кадрите може да работат кај нив или дека ќе бараат посебен профил на кадри, индиректно значи барем една работа – дека тие не биле прашани ниту колку ниту какви вработени им се евентуално потребни. Сепак, во нивните ставови, нема отворено спротиставување на владината одлука.
За разлика од нив, директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, во изјава за „360 степени“ рече дека не е задоволен од распределбата, иако тие имаат недостиг на кадар, со овие трансфери (вкупно 35) не им се пополнуваат потребните места.
„Точно е дека добивме луѓе со распределбата, меѓутоа повеќето се со Факултет за детективи и криминалистика, а нас ни се потребни инспектори, луѓе кои ќе одат на терен. Ние можеме од нив да направиме инспектори, но за тоа ќе бидат потребни три до четири години и ќе зависи од тоа дали тие сакаат да работат како инспектори. На Државниот пазарен инспекторат најмногу му е потребен кадар во Источна Македонија, во Гевгелија, Струмица, Радовиш, но за овие градови не добивме. Во Струмица имаме шестмина од кои двајца одат во пензија, таму ни е потребен кадар. Слична е ситуацијата и во другите градови во Источна Македонија“,
рече Пауновски.
Тој додаде дека испратиле забелешки и барања со образложенија каде им е потребен и каков профил на кадар.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, пак рече дека генерално е задоволен што со распределбата му се доделени дополнителен број на луѓе (вкупно 24), бидејќи се соочуваат со голем недостаток на кадри. Но и за него претставува проблем дистрибуцијата по градови, бидејќи со првичниот список покриени се неколку градови од Западна Македонија, а како што вели тој најголема потреба има од вработувања во Скопје.
„Уште во првата изјава што ја дадов при доаѓањето на директорското место кажав дека се соочуваме со голем недостиг на кадар. Така што, ова е добро за нас, но не е добра дистрибуцијата по градови. Затоа, следнава недела заедно со заменик-директорот ќе анализираме доколку може дел од овие луѓе наместо во некои од градови во Западна Македонија да ги преземеме во Скопје. Секако, не можеме никого со сила да го натераме да дојде, но мислам дека ќе најдеме решение“,
рече Ангелов.
Кои се луѓето на „трансфер“ листа
Најавата за трансфер на 1 349 вработени од Министерството за политички систем во вкупно 237 институции вчера официјално ја соопшти министерот и прв заменик на премиерот, Артан Груби. Чекорот доаѓа по години критики дека тие луѓе беа вработувани под државна „капа“ во име на правичната застапеност, но не добиваа работни обврски иако земаа плата.
Според степенот на образование, најголем дел од 1 349 лица кои добија трансфер во други институции се економисти и правници. Меѓу нив има и кадар со средно образование.
Првиот вицепремиер и министер за политички системи Артан Груби вели дека меѓу овие лица нема само Албанци, туку и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци. Сепак, ако се проверат податоците за структурата на вработените по припадност на заедница што ги објавува Министерството за информатичко општество, јасно е дека големо мнозинство од кадарот се Албанци. Односно, Македонци се 0,21%, Албанци 87,95%, Бошњаци 1,37%, Власи 0,07%, Роми 4,18, Срби 0,34%, Турци 5,68% и други 0,21%.

Во рок од седум дена тие треба да си ги подигнат упатните решенија од Министерството за политички системи и односи меѓу заедници, а Груби очекува тоа да се случи до крајот на наредната недела со оглед дека треба да доаѓаат лично, а притоа да не се прави метеж поради почитување на протоколите за заштита од ковид-19.
Административците вработени по Рамковен договор, според презентираното, немаат право да избираат. Груби веќе им ги потпишал упатните решенија кои тие треба да ги примаат и да ја започнат процедурата на одјавување од тоа Министерство и пријавување во институцијата каде што ќе треба да работат.