Ќе бидам претседател на сите Американци, насилство повеќе нема да се случи, потребно е единство на нацијата и справување со домашниот тероризам, се дел од пораките кои ги испрати новиот американски претседател
Денеска е ден на демократијата, на надежта и на обновувањето. Америка е на висината на задачата и денеска го славите триумфот на демократијата, порача Џо Бајден во својот прв говор како претседател на САД повикувајќи ги Американците на единство.

Ако нема единство тогаш нема мир и напредок, нема нација, рече Бајден откако претходно положи заклетва.
„Волјата на народот е исполнета. Научивме дека демократијата е кревка, а денес демократијата преживеа“,
кажа Бајден на скалите пред зградата на Конгресот во Капитол хил, местото каде на 6 јануари се случија насилни демонстрации и упад во законодавниот дом.
Бајден и за тоа испрати порака.
„Насилство нема веќе да се случи овде. Ниту денес, ниту никогаш повеќе“,
порача новиот американски претседател.
На нацијата тој се обрати и со порака дека нема одложување на правдата, а она со што треба да се соочи и да го победи е подемот на политичкиот екстремизам и домашниот тероризам.
Во неговиот говор преовладуваа пораки за обединување на нацијата кое порача е клучно од повеќе аспекти.
„Преку единството можеме да постигнеме големи и важни работи – да создадеме работни места, да ги учиме нашите деца во училиштата, да го победиме вирусот, да постигнеме расна правда и уште еднаш да ја направиме Америка водечка сила на доброто во светот. Знам дека силите што не делат се длабоки и реални, но тие не се нови, Нашата историја е постојана борба помеѓу американскиот идеал – дека сите сме создадени еднакви – и суровата реалност, расизам и екстремизам“,
рече Бајден.
На Американците тој им порача да почнат да се слушаат и почитуваат едни со други, да ги отфрлат манипулациите и фабрикувањето со фактите. Америка, порача, е многу подобра од ова.
„До сите што не ме поддржуваа – ве молам, слушајте ме. Ако сепак не се согласуваме – нека биде така. Ова е Америка. Правото на несогласување е една од најголемите сили на оваа земја. Ви го ветувам ова – ќе бидам претседател на сите Американци, на сите. И јас ќе се борам подеднакво за оние што ме поддржуваа, како и за оние кои не ме поддржуваа“,
рече новиот претседател на САД.
Бајден на почетокот на говорот побара и минута молк за сите оние кои ги изгубија животите како последица на ковид-19.
Тој е 46. претседател на САД. Пред него, заклетва положи и новата потпретседателка Камала Харис, која стана првата жена потпретседателка на САД.
На церемонијата химната ја испеа Лејди Гага, а свој настап имаше и Џенифер Лопез. Меѓу присутните гости можеа да се видат и неколку поранешни претседатели како Џорџ Буш помладиот, Бил Клинтон и Барак Обама, придружувани од нивните сопруги. Присуствуваше и досегашниот потпретседател Мајк Пенс, кому Бајден му се заблагодари во говорот. Трамп, пак, не присуствуваше туку замина од Белата куќа претпладнево. Со хеликоптер се упати кон воената база „Ендрус“ каде имаше кратко обраќање, по што за последен пат го искористи претседателскиот авион и се упати во резиденција на Флорида, каде ќе продолжи да живее. Трамп е првиот претседател кој од 1869 година не присуствувал на инаугурацијата не неговиот наследник.