Само неколку часа пред да ја напушти Белата куќа, досегашниот американски претседател го помилува и својот поранешен главен стратег Стив Банон
Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп ќе полета од Вашингтон четири часа пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, соопшти Белата куќа.
Трамп и првата дама Меланија Трамп ќе заминат за Флорида во 8 часот по локално време.
Претходно Трамп соопшти дека нема да присуствува на инаугурацијата на Бајден.
Во своето проштално видеообраќање, тој ја поздрави новата администрација и рече дека сега, додека се подготвува да ја предаде власта, сака да порача дека движењето што го започна е само почеток.
„Ја инаугурираме новата администрација и се молиме за нејзин успех во одржување на Америка безбедна и просперитетна“,
рече Трамп во видеопораката, чии делови ги објави Белата куќа.
Трамп одби да го признае поразот од Бајден и нема да се сретне со него пред инаугурацијата, туку планира да отпатува за Флорида.
„Најголемата опасност со која се соочуваме е губење на самодовербата, губење на довербата во величината на нашата нација. Америка не е срамежлива нација на кротки души кои мора да се заштитат од оние со кои не се согласуваат“,
рече Трамп.
Последните недели од својот мандат Трамп ги помина без да ја напушти Белата куќа по немирите предизвикани од неговите приврзаници при упадот во зградата на Конгресот.
Во својата видеопорака, Трамп се осврна на аспектите на неговата работа со кои се гордее, пренесува Фокс њуз.
„Ние го направивме тоа што требаше да го сториме, но исто така и многу повеќе. Водев тешки битки, најтешки битки, донесував најтешки одлуки – бидејќи затоа ме избравте“,
рече Трамп, пренесе Гласот на Америка.
Тој потсети на мировните договори на Блискиот Исток со посредство на неговата администрација и ги пофали постигнатите надворешно-политички цели.
„Ние ги обновивме нашите сојузи и ги охрабривме земјите во светот да ѝ се спротивстават на Кина како никогаш порано. Особено сум горд што сум првиот претседател во последните неколку децении што не започна нови војни. Го напуштам ова прекрасно место исполнето со радост, оптимизам и голема доверба дека најдоброто допрва доаѓа, за нас – нашата земја и за нашите деца“,
рече Трамп.
Пред заминување, Трамп одлучи да го помилува својот поранешен главен стратег Стив Банон. Одлуката е донесена само неколку часа пред Трамп да ја напушти Белата куќа.

Во последните часови од функцијата, Трамп помилува и други 142 лица, јавија американските медиуми.
Трамп им соопштил на своите соработници дека по долго размислување, решил да го помилува Банон како едно од неговите последни потези додека е на функцијата.
Стив Банон беше обвинет за заговор за измама преку донаторска кампања за изградба на ѕидот ветен од претседателот на границата со Мексико. Последните денови се засилија шпекулациите во американските медиуми дека Трамп ќе го прекрши протоколот и ќе се помилува самиот себеси пред да се повлече од функцијата.
Помилувањата ги објави Белата куќа на полноќ по локално време, неколку часа пред крајот на мандатот на Трамп. Сепак, претседателот не потпиша налози за помилување за себеси, членовите на семејството или неговиот адвокат Руди Џулијани, кој водеше неуспешни обиди да ги поништи резултатите од минатогодишните претседателски избори, кои Трамп ги загуби.
Трамп ги помилува и раперите Лил Вејн и Кодак Блек, кои беа обвинети за криминални дела со оружје и поранешниот градоначалник на Детроит, Кваме Килпатрик, кој беше осуден на 28 години затвор под обвинение за корупција.