Во Белата куќа вчера бил одржан состанок за да се финализира списокот со помилувања на кој се наоѓаат имиња на службеници, како и на познати рапери
Весникот „Њујорк тајмс“ објави дека по настаните од 6 јануари и најавената втора постапка за импичмент, Трамп со своите советници разговарал за можноста да се помилува себеси, ќерката Иванка и нејзиниот сопруг Џеред Кушнер
Американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да објави околу 100 помилувања и намалувања на казни на неговиот утрешен последен ден на функцијата, соопштиле тројца извори запознаени со ова прашање, јави Си-ен-ен.
Во Белата куќа вчера бил одржан состанок за да се финализира списокот со помилувања на кој се наоѓаат имиња на службеници, како и на познати рапери, и засега на тој списокот не се наоѓа и самиот тој, како што претходно објавија некои американски медиуми, соопштиле два извора за ТВ-мрежата.
Според Си-ен-ен, ова е продолжение на контроверзниот декемвриски чекор на американскиот претседател кога целосно помилува повеќе од дваесетина лица – меѓу кои и поранешниот шеф на изборната кампања на Трамп, Пол Манафорт, долгогодишниот соработник Роџер Стоун и Чарлс Кушнер, таткото на постариот советник и зет на Трамп, Џеред Кушнер.
Помилувањата е предвидено да бидат објавени пред Трамп да си замине од Белата куќа и ќе се однесуваат на кривични случаи на граѓани, но и на луѓе поврзани со него, рекле изворите.
До денес, изворите на Си-ен-ен сметаат дека Трамп нема да донесе одлука за сопствено помилување, но предупредуваат дека неговите постапки во последните денови од претседателствувањето може да бидат непредвидливи.
Весникот „Њујорк тајмс“ објави дека по настаните од 6 јануари и најавената втора постапка за импичмент, Трамп со својата придружба разговарал за можноста да се помилува себеси, ќерката Иванка и нејзиниот сопруг Џеред Кушнер. Тој стравува дека тој и неговите најблиски соработници можат да бидат цел на кривичен прогон од новата администрација.