Против една од интернет-компаниите што ја продавала облеката со натпис „Нож, жица“, е поднесена кривична пријава за ширење национална, верска и расна омраза
Од компанијата се правдаат дека пораката е целосно извадена од контекст
Огромен скандал избувна во соседна Србија откако на пазарот се појавија дуксери и маици со натписи со кои се велича геноцидот во Сребреница.

На дуксерите и маиците стои натписот „Нож, жица“ што асоцира на паролата „Нож, жица, Сребреница“ што ја користеа српските националисти во Република Српска, но и во Србија, а кои често ги извикуваат и хулиганите и приврзаниците на екстремистите, кои отворено ги поддржуваат генералот Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, осудени за воени злосторства од Меѓународниот трибунал во Хаг.
На пазарот се појавија и дуксери и маици со ликот на Жељко Ражњатовиќ-Аркан, водач на паравоената формација Српска доброволна гарда, кој беше убиен во центарот на Белград пред повеќе од 20 години, на кои тој е прикажан како држи тигар во едната рака и пушка во другата рака.
Поради огромниот скандал, државниот секретар во Министерството за туризам, трговија и телекомуникации Урош Кандиќ беше принуден да реагира, по што продажбата на оваа облека беше забранета.
Според него, веќе е поднесено обвинение против една од интернет-компаниите „011 Шоп“ што ја продавала облеката, бидејќи ова е отворен повик за национална, верска и расна омраза што е во спротивност со Уставот на земјата.
„Рекламирањето и продажбата на такви производи не само што го кршат законот за рекламирање и кривичниот законик, туку се во директна спротивност со Уставот на Србија, бидејќи тие поттикнуваат провокација на национална, верска и расна омраза, што е експлицитно забрането. На овој начин директно се нарушуваат темелите на општеството“,
рече Кандиќ.
По осудата на социјалните мрежи, од компанијата упатија извинување:
„Пораката на спорниот напис имаше сосема поинаква цел од онаа што се презентира во странски, и домашни медиуми и на социјалните мрежи. Имено, пораката е целосно извадена од контекст. Спорните најави веднаш беа повлечени кога забележавме дека се погрешно протолкувани. По тој повод, уште еднаш искрено им се извинуваме на сите кои се најдоа повредени, а пред се на нашите пријатели и соработници од муслиманска вероисповед“,
се огласија од компанијата.
„Нож, жица“ не е единствениот контроверзен натпис на гардеробата што се продава во продавницата „011 Шоп“, па од Министерството за Н1 изјавиле дека надзорот не е завршен и дека, доколку е потребно, ќе има повеќе прекршочни пријави.
