Американските медиуми оценуваат дека со оставањето простор на групата поранешни дипломати од кариера и ветерани од администрацијата на Обама, новиот претседател навестува дека сака да се врати кон традиционалната надворешна политика
Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден денеска ги назначи Венди Шерман за заменик државен секретар и Викторија Нуланд за потсекретар за политички прашања, што значи дека двете ќе ги заземат втората и третата највисока позиција во Стејт департментот.
Британските медиуми наведуваат дека Шерман е ветеранка во американската надворешна политика и клучен преговарач за нуклеарниот договор со Иран, постигнат во 2015 година, од кој САД се повлекоа за време на администрацијата на претседателот во заминување Доналд Трамп.
Нуланд е дипломат од кариера, која меѓу другото работеше и во администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама како помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, а исто така беше и амбасадорка на САД во НАТО и портпарол на Стејт департментот.
Бајден, меѓудругите, еден од своите долгогодишни советници за надворешна политика, Брајан Мекон, денеска го назначи за заменик државен секретар за управување и ресурси, а Бони Џексинс за потсекретар за контрола на воооружување и меѓународни безбедносни работи.
Узу Зеј е назначен за потсекретар за граѓанско општество, демократија и човекови права.
Бајден изјави дека тимот што го назначи го прикажува неговото верување дека Америка е најсилна кога соработува со сојузниците, додавајќи дека новименуваните „ќе го искористат своето дипломатско искуство и вештини за да го обноват глобалното и моралното лидерство на Америка“.
„Америка се врати“,
рече Бајден.
Американските медиуми оценуваат дека со оставањето простор во Стејт департментот на групата поранешни дипломати од кариера и ветерани од администрацијата на Обама, Бајден навестува дека сака да се врати кон традиционалната надворешна политика по, како што наведе, четирите години на неизвесност и непредвидливост со Доналд Трамп.
Новиот американски државен секретар, Ентони Блинкен, треба да бидат потврден во вторник, кога ќе се одржи сослушување во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат.
И назначувањата на Шерман, Мекон, Нуланд, Џексинс и Зеј, исто така, бараат одобрение од Сенатот.