Компанијата која стои зад апликацијата за пораки WhatsApp објави дека ги одложува најавените промени во условите за користење, откако голем број корисници изразија стравување дека нивните доверливи податоци би се споделувале со Фејсбук.
Измените кои требаше да стапат на сила на 8 февруари, според објавата од компанијата нема да се случат пред 15 мај.
Минатонеделната најава за ажурирање на условите за употреба создаде паника и предизвика лутина кај многу корисници кои сметаат дека станува збор за напуштање на основните вредности на WhatsApp, која создаде репутација поради заштитата на податоците.
Платформата се обиде да го „изгасне пожарот“ со соопштенија и кампања, но конкурентските услуги како „Сигнал“ и „Телеграм“ профитираа од конфузијата и во многу земји нивните преземања од Епл стор и Гугл плеј значително пораснаа.
Залудни беа објаснувањата од компанијата дека ажурирањето нема да „го зајакне капацитетот за споделување податоци со Фејсбук“, туку првенствено е насочено кон помагање на компаниите подобро да комуницираат со клиентите преку платформата.
„Знаеме дека има забуна и дезинформации во врска со ова ажурирање и сакаме да им помогнеме на сите да ги разберат нашите принципи и факти. Разговорите на WhatsApp ќе продолжат да се шифрираат и ниту Фејсбук ниту WhatsApp нема да можат да ги гледаат тие приватни пораки“,
тврдат од компанијата.