Од Независната угостителска комора велат дека работното време е уредено со Законот за угостителска дејност и бараат да бидат вклучени во креирањето на петтиот сет мерки на Владата
Независната угостителска комора бара унифицирани протоколи и препораки за работа во услови на пандемија, но не се согласува со ограничувањето на работното време.
Во денешното соопштение од Комората се наведува дека секоја одлука и измени на Одлуката за превентивни препораки за постапување за заштита од ковид-19 со кои се ограничува работното време на угостителските објекти не е во согласност со законот.
„Работното време на угостителските објекти е утврдено во членот 23 од Законот за угостителска дејност, кој не е ниту укинат ниту суспендиран во моментот“,
велат од Комората.
Додаваат дека очекуваат покана од Владата за учество во креирањето на петтиот сет мерки за поддршка на угостителската дејност.
„Веруваме дека Владата, преку Министерството за економија и Министерството за финансии, во целост ќе ја преземат обврската и одговорноста за опстанокот на угостителската дејност до завршувањето на пандемијата на ковид-19 и ќе креираат безусловни посебни економски мерки за финансиска поддршка и неповратна помош на угостителите. Угостителската индустрија нема време за чекање и со цел угостителите да ги сочуваат сите работни места на угостителските работници очекуваат веднаш и итно Владата да донесе одлука за продолжување на мерката субвенција на бруто плати од почетокот на јануари 2021 години, со траење се додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки односно протоколите за работа на угостителски објекти или до официјално завршување на пандемијата“,
се вели во соопштението.
