Поплавени се нивите во Средно Коњари. Жителите посочуваат дека ова е последица на неконтролираниот површински ископ на песок и чакал во близина на реката Пчиња
Обилните врнежи деновиве ги поплавија пределите на селото Средно Коњари каде се врши и експлоатација на песок и чакал. Жителите обвинуваат дека близу реката Пчињa, каде има активна концесија за ископување, од претходно е направено „езеро“, а бидејќи не се работело согласно елаборатот и е нарушено речното корито, обилните врнежи деновиве си го направиле своето.
Околните ниви се под вода, а во снимките испратени до редакцијата на „360 степени“ жителите велат дека се исполниле нивните предвидувања.
„Ова е тоа од што се плашевме, што сакавме да го покажеме на дело. Господ укажа што е направено тука. Да се уверите дека луѓето не лажат и дека сакаат да го одбранат природното богатство“,
вели жител на селото.
Граѓанска битка за зачувување на животната средина
Во Средно Коњари ископот е во нива, каде што песокот се смета за минерална суровина, па концесијата за експлоатација е во надлежност на Министерството за економија. Жителите лани поднесоа претставка до ресорното министерство со очекување Државниот технички инспекторат да го санкционира концесионерот, оти уништува првокласно земјиште. Стравуваа и од поплави и загадување на подземните води.
Тогаш, од Министерството за економија за „360 степени“ кажаа дека не утврдиле пропусти во работењето на концесионерот кој продолжи со ископот.
Концесијата е добиена во 2009 г., а е со важност до 2041 година. Ја има фирмата „Еуро прогрес”, чиј управител, Ќазим Османовиќ, по секое обвинување на жителите тврдеше дека во денешно време ниту дете не може да поткупите да молчи ако се работи незаконски, и најави дека ќе бара институционална заштита од соселаните.
Но, соселаните не му се плашат. Тие секојдневно вршат „надзор“ на ископувањето и со жив штит се обидуваат да го спречат во работењето.
Овде се организираа протести и во екот на пандемијата.
Инспекторатот за животна средина го гледа она што другите институции не можат да го видат
Екипа на порталот „Дома“ на Институтот за комуникациски студии, пред дамп две недели го посети местото заедно со директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска. Таа на самото место констатира дека загриженоста на локалните жители е оправдана и посочи низа нерегуларности во работењето на концесионерот.
„Едно е интервенциите во речното корито, копање надвор од концесиското поле, насипување на земја, користење на висока класа земјоделско земјиште за експлоатација и третото е што прво не е оградено она што е концесиско поле, за да не се знае каде е реално концесиското поле. Се копа под нивото на подземните води и се врши нивно потенцијално загадување. Се жалат граѓаните дека е паднато нивото и во бунарите и од тие причини нив им е загрозено правото на чиста вода и правото воопшто на пристап до чиста вода. Ова тука е на некој начин влегување во аквиферот на реката Пчиња, не ми е јасно како е можно тоа да се дозволи“,
кажа Петровска.
Жителите велат дека дописите до надлежните институции и протестите не помагаат во битката. Бараат власта на највисоко ниво да се вклучи во одбрана на природните ресурси. Во спротивно, велат дека животот во селото не може да продолжи уште долго.