Поранешниот шеф на грчката дипломатија се осврнува и на преговорите кои биле водени за постигнување на Договорот од Преспа и оценува дека Северна Македонија и Грција успеале да го постигнат бидејќи изградиле доверба преку директни контакти
Поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, зборувајќи за бугарската блокада за нашата земја во интервју за „Еуроактив“, вели дека тонот на Софија на европскиот пат на С Македонија го диктира екстремнодесничарската партија ВМРО – Бугарско национално движење на министерот Красимир Каракачанов, коалициски партнер во бугарската влада.
„Бугарија не сфаќа дека во Северна Македонија се роди нова нација, која има свој јазик. Наместо да ја почитува и да придонесува кон мирот и пријателството на народите во регионот, Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, преправајќи се дека е Херкул без мускули“,
вели Коѕијас.
Зборувајќи за Бугарија, тој зборува и пошироко за неевропските политики на Софија, па вели дека Атина го предупредила Европскиот совет оти Каракачанов спроведува политика надвор од рамките на ЕУ, откако бугарското претседателство со ЕУ поставило споменик на лав во дворот на Националниот дворец на културата, кој држи штит со картата на санстефанска Бугарија.
Лекции од преговорите за името
Ексшефот на грчката дипломатија се осврнува и на Договорот од Преспа, кој беше склучен во време додека тој беше на функција и констатира дека Договорот бил постигнат затоа што Грција и Северна Македонија успеале да изградат доверба преку директни контакти, само со ограничено присуство на медијатори.
„Присуството на медијатор кој добро ја знае темата е потребно во одредени моменти, но не за време на целиот тек на преговорите“,
вели Коѕијас и додава дека крајно благородниот и ефикасен медијатор на ОН во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц не бил присутен на две третини од преговорите.
Според него, присуството на посредникот понекогаш ги отежнува работите бидејќи, кога две страни преговараат пред трета, постојано се трудат да ја убедуваат во исправноста на своите позиции, што само придонесува за нивно зацврстување.
„Од друга страна, кога двајцата преговараат директно, тие се поконкретни. Двете страни ги истакнуваат своите главни прашања и потоа разгледуваат можност како да ги сместат во пакет позитивен и за обете страни“,
додава Коѕијас.
Ноќ во Виена
Тој во интервјуто нагласува дека нападите врз него и неговото семејство, како и нападите врз неговиот тогашен македонски колега Никола Димитров, по потпишувањето на Преспанскиот договор, им помогнало да сфатат што се случува, имајќи предвид дека и во двете земји постоеја многу противници на каков било билатерален договор.
„Една вечер во Виена седнавме да разговараме за оние што нè напаѓаа. Сфативме дека прашањето не е меѓу Македонци и Грци, туку меѓу оние што не сакаат решение, т.н. професионалци за нерешавање и оние што се обидоа да се придвижат кон логиката на добро решение“,
истакнува Коѕијас, кој и во својата книга „Логиката на решението“ наведува дека во преговори не треба да се води борба, туку да ѝ се докаже на другата страна дека постои заеднички интерес за продуктивно и креативно решение.
