Мадрид и уште четири други региони денеска се во црвена зона поради предвидувањата за обилни врнежи со снег, а до граѓаните е упатен апел да не ги напуштаат домовите
Снежна бура, каква што Шпанија не памети последните неколку децении, предизвика сообраќаен хаос, пред сè во регионот на главниот град Мадрид. Бројни Шпанци заглавија на патиштата, а се откажаа и стотици летови.
Според државната метеоролошка агенција, Мадрид и уште четири други региони денеска се во црвена зона поради предвидувањата за обилни врнежи со снег, а до граѓаните е упатен апел да не ги напуштаат домовите.
Бурата „Филомена“ од синоќа го блокираше аеродромот „Барахас“ во Мадрид и досега откажа најмалку 50 летови. Тој ќе остане затворен и во текот на денешниот ден. Суспендирани се и брзите железнички линии од Мадрид кон Валенсија, а прекина со работа и градскиот превоз во главниот град.
На патиштата, пак, возачите на автомобили со часови останаа заглавени поради бурата, а во нивно спасување се вклучи и војската. Како што објави Воената единица за итни случаи на терен биле распоредени околу 150 војници.