Обвинителите реагираа откако бугарската телевизија Нова објави прилог во кој новинари, претставувајќи се како заинтересирани купувачи, се сретнале со посредниците во кругот на една софиска болница
Обвинителството во Софија покрена истрага за илегална продажба на крвна плазма од излекувани пациенти од ковид-19.
Обвинителите реагираа откако бугарската телевизија Нова објави дека во земјата „на црно“ се нуди крвна плазма по цени над 2 500 евра.
Новинарите на телевизијата Нова, претставувајќи се како заинтересирани купувачи, се сретнале со посредниците во кругот на една софиска болница. Посредниците тврделе дека крвната плазма е од човек кој оздравел од ковид-19 пред два месеца и оти за тоа ќе достават и ПЦР тест.
По прилогот на телевизијата, софиското Обвинителство покрена истрага.
„Трансфузијата на крвна плазма не е универзален лек и ако не е по препорака на лекар, туку самоиницијативно, би можела да биде штетна. Терапијата со крвна плазма не е потврдена и се заснова само на прелиминарни студии. Важно е луѓето да го знаат ова“,
истакна бугарската експертка за медицинско право Марија Петрова.
Таа додаде дека продажбата на крвна плазма е кривично дело.