За да ја преземат контролата, демократите мора да ги добијат двете места, со што силите ќе бидат изедначени, па одлучувачкиот глас ќе го има идната потпретседателка на САД, Камала Харис, која по функција претседава со Сенатот
Кандидатот на демократите, Рафаел Варнок, прогласи победа во вториот круг од изборите за Сенатот. За едно од двете места во Сенатот од традиционално конзервативната Џорџија, тој ѝ се спротивстави на републиканската противкандидатка Кели Лафлер.
Според извештаите во медиумите, на 98% обработени гласови тој има предност од 1,2 отсто или приближно 50 000 гласа.
Доколку победата на 51-годишниот Варнок и официјално се потврди, тој ќе биде првиот Афроамерикански сенатор избран во Џорџија.
За второто место во Сенатот од Џорџија, пак, во трка се демократот Џон Ософ и досегашниот сенатор, републиканецот Дејвид Пердју. Според последните информации, во тесно водство е Ософ со околу 12 000 гласа.
Исходот од овие избори е особено важен бидејќи со него се утврдува кој ќе го има приматот во Сенатот, односно во Горниот дом на Конгресот.
Моменталниот распоред на силите е 50:48 во корист на републиканците. За да ја преземат контролата, демократите мора да ги добијат двете места, со што силите ќе бидат изедначени, па одлучувачкиот глас ќе го има идната потпретседателка на САД, Камала Харис, која по функција претседава со Сенатот.
Демократите веќе имаа контролира врз Претставничкиот дом, па со мнозинството во Сенатот, Бајден има шанса да добие огромен и слободен простор за маневрирање и спроведување на политиките што ги ветуваше пред изборите.