Ќе има парламентарни избори, ама редовни – во 2024 година, заедно со претседателските, тврди премиерот
Ќе има парламентарни избори, ама во 2024 година, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи повторно на прашања за барањата на опозицијата за негова оставка и за формирање влада за национален спас, која би ја водела земјата до нови предвремени парламентарни избори, заедно со редовните локални, кои треба да се одржат наесен оваа година.
Заев, на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими, рече дека следните парламентарни избори ќе бидат редовни, како што ветил за време на кампањата за изборите пред шест месеци. Тој посочи дека во 2024 година треба да се одржат и седмите претседателски избори во земјата, така што двата циклуса би можеле да се организираат заедно.
„Дадов збор дека ќе има редовни избори, а зборот е збор. Ќе има избори во 2024 година, кога се и претседателските избори. А дотогаш да ги засукаме ракавите и да го спроведе она што го ветивме. Впрочем, и да ги повториме сега изборите, последните истражувања покажуваат дека тоа нема многу нешто да промени. СДСМ и коалицијата наместо 46 ќе имаат 49 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ ќе има 40. ДУИ, наместо 15, ќе има 16, Алијанса ќе има осум или девет пратеници“,
рече Заев.
Во овој собраниски состав, кој беше избран на 15 јули, коалицијата на СДСМ и на Беса има 46 места, ДУИ – 15, ДПА – 1, ВМРО-ДПМНЕ – 44, Алијанса/Алтернатива – 12, а Левица има двајца пратеници. Владејачкото мнозинство брои 62 пратеници поради што често се соочува со проблеми со кворумот, за што придонесува и ситуацијата со ковид-19, додека опозицијата се спротивставува на каква било варијанта за онлајн работење во законодавниот дом.
