Премиерот најави дека овој месец ќе се одвива дебата за креирање на следните економски пакет мерки, кои ќе се носат во февруари
И покрај сите предизвици со кои се соочивме, можам да кажам дека во 2020 година успеавме да го испорачаме тоа што им го ветивме на граѓаните. Минатата година нѐ научи да бидеме погрижливи, посолидарни, посплотени и покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени. Затоа Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин кому му е потребна поткрепа, затоа што инклузивното креирање на политиките и водењето грижа за потребите на луѓето носат стабилност и раст на економски план, оцени денеска премиерот Зоран Заев на заедничка прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Оваа 2021, според Заев, е година на рестарт и заживување. Кризата е можност и од нас зависи, порача премиерот, колку ќе ја искористиме. Според него, клучни ќе бидат капиталните инвестиции за кои се проектирани 23 милијарди денари, инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата и земјоделството.
Буџетот, подвлече премиерот, е избалансиран, одговорно планиран и кроен соодветно за да одговори на предизвиците.
„И во време на пандемија, во консултации со стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор, обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги вработените каде што е тоа можно. Македонската економија е стабилна, жива и динамична, не дозволивме потрошувачката да запре, а тоа е можно само ако добро се планира и ако брзо, соодветно и паметно се реагира. Ефектите се видливи. На економски план, се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната стратегија“,
подвлече Заев.
Премиерот најави дека овој месец ќе се одвива дебатата за креирањето на следните економски пакет мерки, а во февруари ќе се носат мерките за 2021 година.
„По божиќните празници, ќе почне дебатата со сите релевантни чинители, за да се димензионираат следните пакети за помагање. Околу 10 јануари ќе се согледаат сите аспекти за здравственото влијание на кризата, а преку тоа и економските последици. Очекуваме во јануари да се развие дебатата, а во февруари ќе се носат мерките. Сакам да ве уверам дека Владата долг период работи на создавање услови за излез од кризата, која треба да се искористи како неповторлива, уникатна можност за економски скок. Сѐ што имаме како ресурс да се стави во функција на развој, а конечниот импакт да биде стандардот на граѓаните. Сѐ што е потенцијал, ќе се стави на располагање, а доминантна ќе биде енергетиката“,
потенцира Заев.
Презентирајќи ги бројките, Заев посочи дека вкупните даночни приходи во 2020 година се реализирани во износ од 189,8 милијарди денари или 96,7 отсто од планираното, директините даноци имаат остварување од 99,5 отсто, што е раст од 2,3 проценти споредено со 2019 година. Позитивен тренд од јануари до декември бележат и придонесите кои достигнаа 102 отсто или два процента повеќе од планираното.
Вкупните расходи на буџетот се 243,7 милијарди денари или 96,4 отсто од годишно планираниот износ. Стоките и услугите се намалени за 85 проценти од ребалансот или за пет отсто помалку од 2019 година, што е доказ за штедливото однесување на трошењето на јавните пари. Позитивни бројки се бележат и кај капиталните расходи, кои во 2020 година изнесуваа 16,1 милијарда денари или 82 отсто од планираната реализација. Годината ја завршивме со буџетски дефицит од 53,9 милијарди денари или 8,1 отсто од проектираниот БДП.
Премиерот Заев ја повика опозицијата да го поддржи, како што рече, најголемиот проект – за изградба на нов клинички центар.
„Ја повикувам опозицијата да го поддржи најголемиот проект за клиничкиот центар. Законот е во Собрание, а нашиот предлог е опозицијата да има контролна улога на проектот. Народот сака да нѐ види заедно“,
истакна Заев.
И министерот за финансии рече дека 2020 беше исклучително тешка година.
„Се случи најголемата економска и здравствена криза на светско ниво. Но, задржувањето на работните места и конкурентноста на компаниите останаа во фокусот на фискалните политики. Приватниот сектор ѝ веруваше на Владата и инвестираше“,
рече Бесими и додаде дека очекува и годинава да биде тешка и полна со предизвици.
