Договорот беше дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот Филипче и висок претставник на компанијата производител на вакцини против ковид-19, соопштија од МЗ
Северна Македонија ќе добие 800 000 вакцини против ковид-19 од производителот „Фајзер“, од кои првите 5 850 дози ќе пристигнат во февруари, информира Министерството за здравство.
„Министерот за здравство Венко Филипче, во директни преговори со овој производител, обезбеди вакцини за цела 2021 година. Договорот беше дефиниран утрово во телефонски разговор на министерот Филипче и висок претставник на компанијата производител на вакцини против ковид-19. Првите 5850 дози вакцини на ‘Фајзер’ ќе стигнат во февруари, потоа ќе следува пратка со поголема количина во март, април, а динамиката за цела 2021 година дополнително ќе се утврди“,
соопштија од Министерството за здравство.
Нашата земја, се додава во соопштението, навремено почна со подготовките за вакцинација против ковид-19 и постојната функционална и одлично поставена здравствена инфраструктура, каде што досега се врши вакцинација за други болести, е подготвена за имунизација против корона.
Вакцината на „Фајзер“ се чува во фрижидери на -70 Целзиусови степени, а таквите фрижидери во нашата земја ќе пристигнат месецов.
Регулаторните медицински агенции, европската ЕМА и американската ФДА, имаат дадено одобрение за вакцината на „Фајзер“.