Во Мостар денеска ќе почне обдукцијата на телата на осумтемина трагично настрадани млади девојки и момчиња од Посушје, кои беа пронајдени мртви на новогодишното утро во викендичка на местото викано Трибистово во Босна и Херцеговина.
Д-р Дражен Дамјанук, специјалист за судска медицина, потврдил за „Дневни аваз“ дека е ангажиран од страна на Обвинителството на Западнохерцеговскиот кантон и дека обдукцијата ќе се прави денеска и утре.
Од сите починати, веднаш по увидот, се земени примероци на крв и урина, кои се пратени на анализа. Заедно со обдукцијата, треба да го дадат одговорот како точно починале жртвите.
На забавата биле и други лица
Според Обвинителството и Министерството за внатрешни работи на Западнохерцеговскиот кантон, за сега се укажува на тоа дека смртта настапила како последица на отровните гасови од агрегатот, кој се наоѓал во помошна просторија во викендичката, каде Нова година славеле Иван Миличевиќ, Стипе Ромич, Мирла Резо, Жана Павковиќ, Миа Солдо, Стипе Павковиќ, Марија Павковиќ и Стјепан Јукиќ, сите родени 2001 година.

Агреготот, со кој се грееле, се наоѓал во остава. Оставата имала две врати од кои едната била отворена а другата затворена. Но, оставата имала и прозорец, кој практично ја „поврзувал“ оставата со просторијата каде спиеле младите девојки и момчиња.
Во текот на увидот било утврдено дека тој прозорец бил половично отворен, па претпоставката е дека на тој начин гасовите, конкретно јаглерод моноксидот, ги задушиле младите.
Обвинителот Јосип Аничиќ, за „Радио Сараево“ додал и дека:
„Во моментов се наоѓам во Сараево, каде дојдов по трагедијата. Од колегата кој го работеше увидот дознав дека, неофицијално, причина за смртта е агрегатот кој го испуштал смртоносниот јаглерод моноксид.
Како што ми пренесе колегата, таа остава во која бил агрегатот, со прозорец била поврзана со поголема просторија во која се наоѓале младите“,
изјавил Аничиќ за „Радио Сараево“.
Осумтемина млади девојки и момчиња прославувале Нова година заедно со уште шест други пријатели, кои по забавата, во четири часот по полноќ, отишле да спијат во соседна викендичка. Утрото, во 10 часот, токму од едно од момчињата од соседната викендичка ги пронашло телата.