Светската здравствена организација ја издаде првата итна дозвола за вакцина против ковид-19. Станува збор за вакцината на Фајзер и Бионтеx, која е ставена на таканаречената Листа за итна употреба (Emergency Use Listing). Чекорот ќе им овозможи на државите и самите да побрзаат со локалните процедури за одобрување, што пак треба да го забрза увозот и имунизацијата со таа вакцина.

„Ова е многу позитивен чекор кон обезбедување на глобален пристап до ковид-19 вакцините. Но, би сакал да ја истакнам потребата за уште поголем глобален напор за да се постигне доволно голема понуда на вакцини, која ќе ги задоволи потребите на популацијата на која и е најпотребна, секаде низ светот. СЗО и партнерите работат деноноќно за да ги оценат и другите вакцини кои ги достигнаа стандардите за ефиканост и безбедност. Ги охрабруваме и другите производители да истапат. Од витално значење е да се излезе во пресрет на итните потреби за да им се помогне на сите земји во светот и да се спречи пандемијата во корен“,
изјави д-р Мариангела Симао, помошник-директор во СЗО за пристап до лекови и медицински производи.
Регулаторните експерти кои ги свикува СЗО од целиот свет и тимови на СЗО, ги прегледале податоците за вакцината на Фајзер/Бионтеџ за безбедноста, ефикасноста и квалитетот како дел од анализата за ризик наспроти корисност. Во оценката се заклучува дека вакцината ги исполнува основните критеруми за безбедност и ефикасност на СЗО и дека користа од употребата на вакцината против ковид-19 ги надминува потецијалните ризици.
СЗО забележува и дека конкретната вакцина мора да се чува на температура од -60 до -90 степени целзиусови, што ја проблематизира нејзината дистрибуција, особено во посиромашните земји. Поради тоа, СЗО ќе ги поддржи државите во оценката на нивниот план за набавка на оваа вакцина и за подготовките за употреба.
