Агенцијата за лекови и медицински помагала денеска издаде дозвола за увоз на 2 400 дози од „Спутник Ви“
Србија го одобри увозот на руската вакцина „Спутник Ви“, откако Агенцијата за лекови и медицински помагала денеска издаде дозвола за увоз на 2 400 дози.

Агенцијата соопшти дека руската вакцина против коронавирус ги исполнува сите услови пропишани со закон и правни акти, во однос на квалитетот, ефикасноста и безбедноста.
„Исполнети се условите да се користи за имунизација“,
изјави претставникот на Агенцијата, Павле Делиќ за Танјуг.
Тој истакна дека вакцината ги поминала сите потребни контроли што ги бара законот и дека ги исполнува високите стандарди.
Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Мирсад Џерлек, објави дека руската вакцина ќе се користи веднаш по Новата година.
Во Србија во тек е вакцинација со вакцината на „Фајзер/Бионтек“ од каде оваа соседна држава набави околу 5 000 дози.
Прва се вакцинираше премиерката Ана Брнабиќ, а претседателот Александар Вучиќ најави дека тој ќе прими вакцина од друг производител, со цел да испратат порака до граѓаните дека вакцините се безбедни.
