Најчудната Нова година, вака го опишуваат медиумите низ светот дочекот на 2021 година, која многу земји ќе ја прослават под посебни рестрикции за заштита од ковид-19.
Во новата 2021 година први влегоа жителите на пацифичките острови Самоа и Кирибати.
Тие се затворени за туристи, а откажан беше и огнометот, со оглед што постои голема загриженост поради растот на нивото на морето предизвикано од климатските промени.
Новата 2021 година пристигна и во поголемиот дел на Австралија, а најголемиот дел од граѓаните ја дочекаа во своите домови. Традиционалниот новогодишен огномет траеше пократко и без присуство на публика.
Новата година беше прославена во Сиднеј, Мелбурн, Канбера, додека во Квинсленд и северните делови на Австралија ќе дојде половина час или еден час подоцна.
Нов Зеланд пак, за разлика од повеќето земји кои Новата година ја чекаат под строги рестриктивни мерки поради пандемијата, слави без ограничувања, бидејќи островската држава повеќе од еден месец нема регистрирано нов случај на ковид-19, па луѓето можат да се групираат.
Најголем дел од земјите во светот ги повикаа граѓаните да празнуваат одговорно поради опасноста од ширење на ковид-19.
Властите во Велика Британија ги повикаа граѓаните да останат во своите домови.
Во Њујорк централниот плоштад Тајмс Сквер вечерва ќе биде затворен за посетители.
Апел за да не се излегува од дома испратија и германските власти, а во Франција на улиците ќе бидат распоредени 100 000 полицајци за да се спречат масовни групирања. Таму во сила е полициски час од 20 до 6 часот наутро, кој мора да се почитува и на 31 декември.
