Со полициски час и забрана за собири во домовите на повеќе од девет лица од две семејства, Грците ќе ја дочекаат новата 2021 година.
Дописничката на МИА од Атина јави дека се ангажирани над 10 000 полицајци во целата земја за контрола околу почитувањето на мерките.
Во Грција нешто помалку од два месеца има рестриктивни мерки за заштита од ковид-19, а од 22 до 5 часот наутро има целосна забрана за движење, нешто што ќе важи и вечерва за дочекот на Новата година.
Забрането е организирање забави за новогодишната ноќ, а освен големиот број полицајци, подготвени ќе бидат и обвинители, со цел доколку е потребно, да интервенираат во домовите и онаму каде што ќе биде забележано прекршување на мерките.
„Или по пријава или без пријава, доколку има информација дека некаде се одржува забава со повеќе од дозволениот број лица, очигледно е дека полицијата има право, во придружба на обвинител да уапси и да им одреди казни согласно законот“,
рече министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис за грчката телевизија Скај.
Предвидена е казна од 3.000 евра за организаторот и 300 евра за учесниците во забавата.
Хрисохоидис додаде дека во 22 часот, кога почнува полицискиот час, „градот треба да биде мртов“.
Кафулињата, рестораните, ноќните клубови се затворени веќе два месеца, забрането е патување меѓу региони, а нема да се организира ниту дочек на Нова Година на плоштадите во грчките градови, па така новогодишната ноќ граѓаните ќе треба да ја поминат во нивните домови, во кругот на семејството и со најмногу девет лица.
