Град Скопје ќе испрати помош од два милиона денари за Петриња и еден милион денари за Загреб, по катастрофалниот земјотрес што ја погоди Хрватска, а во кој загинаа најмалку 7 лица, а многумина се повредени.
Од Град Скопје информираат дека Одлуката за давање помош, Советот ја донел на денешната итна вонредна седница.
„Со оваа одлука, како израз на солидарност за настраданите, Град Скопје дава помош од 3 милиони денари, износ кој го доделуваме на сите градови за вакви и слични неприлики“,
се вели во соопштението.
На седницата, како што информираат, градоначалникот Петре Шилегов истакнал дека Скопје е град на солидарноста и знае што значи помош по вакви катастрофи и затоа во кординација со сите советнички групи во Град Скопје е свикана вонредна седница на Советот за да им се додели помош на пријателите од Загреб и од Петриња.
Претходно, Владата донесе одлука да ја помогне Хрватска со 6 милиони денари, односно околу сто илјади евра.
