И покрај најавата од претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен дека вакцинацијата против ковид-19 официјално во ЕУ започнува утре, Германија и Унгарија тоа го направија уште денеска, само неколку часа откако пристигнаа нивните први пратки.
„Секој ден што изминува е предолго за чекање“,
вели Тобијас Кригер, менаџер на дом за стари лица во Халберштат, во североисточниот дел на регионот Саксонија-Анхалт, каде започна вакцинацијата.
Првиот жител на домот кој ја прими вакцината на „Фајзер-Бионтек“ е 101-годишната Едит Квоикала, објави новинската агенција ДПА.

Кригер рече дека 40 од 59 жители на овој дом се изјасниле дека сакаат да се вакцинираат, како и 10 од околу 40 нивни негуватели.
Во Унгарија, први кои примија вакцина денеска се здравствените работници Централната болница во Пешта, во Будимпешта, додека властите во Словачка планираат првите вакцини да бидат дадени вечерва.
Првите пратки од вакцината пристигнаа во болниците низ ЕУ во контејнери-фрижидери минатата ноќ, испратени од центарот за производство во Белгија во средината на оваа недела, со што утре требаше да започне кооринирана вакцинација во сите земји од ЕУ истовремено.

Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен, во видео обраќањето денеска, го нарече почетокот на дистрибуцијата на вакцините „трогателен момент на единство на ЕУ“.
Заедно со некои од најраните и најпогодените жаришта на коронавируси во светот – Италија и Шпанија, како и Чешка, чиј здравствен систем беше на работ на пропаст оваа есен, 27 -те земји на ЕУ регистрираа вкупно над 16 милиони заразени и над 336 000 смртни случаи.
Со првите пратки вакцини против ковид кои денеска беа дистрибуирани, секоја од земјите во ЕУ доби по околу 10 000 дози, додека масовната вакцинација треба да започне во јануари. Секоја земја одлучува сама кој ќе ги добие првите вакцини, но досега сите се одлучија тоа да бидат најзагрозените.

Француските власти соопштија дека приоритет ќе имаат старите лица, поради смртоносните ефекти на вирусот кај нив.
Германија, која регистрира повеќе од 30 000 смртни слуачи, започна прво со вакцинација на лицата постари од 80 години и вработени кои се грижат за ранливите групи.

Во Шпанија, жителите на старечките дом први ќе ја примат вакцината во градот Гвадалахара во недела наутро, а во Италија, која има најцрн биланс во Европа со повеќе од 71 000 мртви, прва која ќе ја прими вакцината ќе биде медицинска сестра во римската болница „Спаланчани“, главната институција за заразни болести.
Во Полска, првите две лица вакцинирани во недела ќе бидат медицинска сестра и лекар во болницата на Министерството за внатрешни работи во Варшава. Премиерот Матеуш Моравиецки ја нарече вакцинацијата „патриотска должност на Полјаците“ затоа што постои голема недоверба кон вакцините, поврзана со општата недоверба во Владата.
Во Бугарија, прв што ќе се вакцинира ќе биде министерот за здравство Костадин Ангелов, кој вети агресивна кампања за промовирање на придобивките од вакцинацијата.
Во Хрватска, вакцинацијата ќе започне утре наутро во дом за стари лица во Загреб. Властите планираа да вклучат познати личности во кампањата за вакцинација.
