Од опозицијата сметаат дека власта го полни џебот на олигарсите и купува доминација во медиум
Власта обвинува дека опозицијата го кочи целиот процес на гасификација
По маратонската, 20-часовна собраниска седница за предлог – законот за решавање на спорот помеѓу Владата и АД „Макпетрол“ која заврши утрово, ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ денеска продолжија размена на меѓусебни обвинувања оваа тема, но преку прес-конференции и соопштенија.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, на прес-конференција во партискиот штаб рече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата засега, го спречија или оневозможија СДСМ да му подари 33 милиони евра на Макпетрол, за преку тоа Заев да добие доминација на Телма, обвинувајќи дека Заев со народни пари сака да си купи медиумски простор, но и да го наполни џебот на еден олигарх.
„Власта сака на мала врата, без доволно информации и консултации со јавноста, да изгласа закон со кој ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50% во гасоводот во Македонија и истиот да му се плати по енормно висока цена од 33 милиони евра, иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18.8 милиони евра. Се поставува прашањето: Зошто Владата на Макпетрол сака да му плати екстра 14.2 милиони евра?“,
праша Стојаноска.
Таа посочи дека државниот правобранител не сакал да даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот, зашто истиот е криминален, додавајќи дека ваков спор не се решава со закон, туку е работа на судовите и медијаторите.
Таа најави дека нејзината партија ќе продолжи да се спротивставува на ваквиот договор.
На изјавата на Стојаноска реагираа од СДСМ со соопштение во кое ја обвинија опозицијата за блокада на целиот процес на гасификација.
„Решаваме децениски спор со кој ќе се либерализира во потполност пазарот, решаваме населеден проблем, се’ со цел да не се развие гасоводниот систем и да бидеме заробеници само на една гасна врска и монопол“,
велат од СДСМ.
Од владејачката партија посочуваат дека со препораки на Арбитража на Енергетска заедница на ЕУ, по пат на спогодба се утврдува дека „Макпетрол“ својот дел од 32 милиони евра ќе ѝ го продаде на Владата, а со Законот се уредува решавањето на спорот, се решаваат несогласувањата помеѓу страните и тој води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ваквиот спор и дава можност за надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки.
„Во спротивно, спорот ќе заглавеше во судските лавиринти и ќе се кочеше гасификацијата, што можеби е и целта на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата. Самиот факт што ВМРО-ДПМНЕ не поднесе ниту еден амандман по овој закон, а поднесе илјадници за Деловникот, стотици за Законот за здравствена заштита, Законот за внатрешни работи е доволен доказ дека оваа партија нема ништо против решавање на спорот, ама има против забрзувањето на процесот на гасификација на државата“,
велат од СДСМ, додавајќи дека со овој закон се исполнуваат и ЕУ директивите.
