Изјавата, како што се наведува, воопшто не се однесува на сегашни случувања кај банките, односно не упатува на тековни наоди
Финансиската полиција се јави денес со појаснување на вчерашната изјава на директорот на Управата Арафат Муареми, во гостување на ТВ 24, во врска со водење на предистражни постапки кон други банки, за начинот на нивно постапување во врска со издадени кредити.
Дадената изјава, како што велат од Управата на финансиска полиција, воопшто не се однесува на сегашни случувања кај банките, односно не упатува на тековни наоди на Управата за вакви активности. Изјавата, како што се посочува, се однесува на преземени дејствија од страна на банки во период од 2007 до 2012 година.
Оттаму, изјавата воопшто не имплицира дека во овој момент се преземени нови дејствија за нови случаи. За наведените дејствија Управата за финансиска полиција во 2018 година има поднесено и известување до Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО)
„Токму во таа насока е дадената изјава дека постојат и слични, но не и исти случаи на постапување од страна на други банки, кои од страна на Управата се процесираат без оглед во кој период се имаат случено“,
велат од Управата за финансиска полиција.
Муареми ја даде изјавата во контекст на случајот „Еуростандард банка“, зашто рече дека се постапува по наредба на јавното обвинителство.
