Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска не се појави во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи на рочиште за предметот „27 април“.
Тој е предложен за сведок од одбраната од каде што, како што рекоа, Мицкоски од приватни причини бил спречен денеска да дојде во судот.
Во судницата, пак, дојдоа поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, експретседателот на УМС, Владимир Нелоски и уште двајца други сведоци.

Трајановски негираше каква било вмешаност на ВМРО-ДПМНЕ во протестите „За заедничка Македонија“. Исто така, отфрли дека какви било инструкции биле давани од партијата за учество на протестите. Како што рече, ниту тој лично давал ниту, пак, имало насоки од обвинетите ексминистри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
„Со оглед дека бев градоначалник во тој период, сум имал комуникација со Јанакиески и Ристовски, но не во врска со протестите. Покрај градоначалник, бев и претседател на ЗЕЛС. Според мојата природа, никогаш никому не сум му сугерирал што да прави ниту сум им влијаел на администрацијата и институциите кои се под надлежност на Град Скопје”,
рече Трајановски.
На понатамошните прашања, тој негираше и дека имало какви било комуникации за протестите помеѓу обвинетите ексминистри и градскиот и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
Во иста насока беа и одговорите на Владимир Нелоски, кој рече дека нивната партија е демократска и секој може да учествува на протести, но дека ВМРО-ДПМНЕ не ги организирала протестите.

Покрај споменатите ексминистри, обвинети во случајот за организација на „27 април“ се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.