Медиумската и дигиталната писменост, како и екологијата и хигиената ќе станат дел од училишната настава, најави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција коментирајќи го новиот концепт за основното образование, со кој се предвидува спојување на повеќе предмети во еден.
Заев рече дека медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел да им се помогне на младите генерации да бидат силни и отпорни на лажните вести.
Тој рече дека Владата има обврска и одговорност да им се спротивстави на дезинформациите и да ги спречи штетите што ги нанесуваат лажните вести.
„Затоа еден од нашите приоритети во ‘Акција 21’ е – стоп за дезинформациите. Најавувам засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата“,
изјави Заев.
Премиерот рече дека преку новиот концепт за настава во основното образование во наставата ќе се вклучат наставни содржини кои, како што рече, се клучни за учениците да влезат подготвени во современиот дигитален свет.
„Во образованието вклучуваме медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена, која се покажа како круцијална во борбата со ковид-19. Се разбира, новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се друго што е неопходно за нивните знаења. Но, за оваа работа низ дебата ќе го избереме најдобриот модел“,
нагласи Заев.
Заев порача дека не е намерата да се укинат некои предмети, туку да се намалат содржини што се вишок. Тој нагласи дека нема да се брза со оваа реформа, иако, како што рече, таа е важна и треба да започне час поскоро.