Првите дози за вакцинација против ковид-19 во Шпанија ќе пристигнат на 27 декември. Земјата почнува и со кампања за подигнување на свеста кај граѓани за бенефициите од вакцинирањето. Како што соопшти денеска шпанскиот министер за здравство, Салвадор Ила, вакцинацијата на шпанското население ќе започне со вакцината на „Фајзер“ и „БионТек“.
Европската агенција за лекови (ЕМА) треба да одговори на барањето за одобрување на вакцината на 21 декември.
„Пристигнувањето на вакцината значи почеток на крајот на пандемијата, но не и крај. Треба да останеме внимателни. Треба да се остане буден и да се придржуваме кон мерките“,
рече Ила на прес-конференција.
Тој ги повика Шпанците да бидат претпазливи во пресрет на Божиќните и новогодишните празници, затоа што ситуацијата со епидемијата, која беше подобра во ноември, повторно се влоши, па Ила ја нарече „загрижувачка“.
Шпанија прво ќе ги вакцинира изложените лица како медицинскиот персонал и оние со висок ризик како што се жителите на домови за пензионери.
Владата се надева дека ќе вакцинира од 15 до 20 милиони луѓе, од 47 милиони, до мај или јуни следната година.
Во Шпанија од почетокот на пандемијата има вкупно 1,9 милиони заразени и е меѓу првите десет најпогодени земји во светот. Досега во земјата од ковид-19 починаа скоро 49 000 луѓе.
