На денешното отворање на откупните пунктови, откупувачите не го почитувале договореното на средбата во петокот
Од 23 000 тони тутун, досега се откупени само 1,6 отсто
Тутунарите во Прилепско денеска побараа итна средба со министерот за земјоделство утре, наместо в петок, како што беше договорено претходно, или в среда ќе организираат протести.
Ова го соопштија по денешното отворање на пунктовите за откуп, откако повторно, како што велат, се соочиле со нереална проценка на родот и непочитување на договореното од страна на откупувачите.
„Откупувачите ги излажаа министерот и целата јавност. Со тоа создадоа уште поголем револт и гнев кај тутунарите. Апелирам, тутунарите да не го даваат родот. Ќе одиме до крај. Бараме средба утре и со министерот за земјоделство да ги посетиме откупувачите. Утре бараме да ни се дадат гаранции за до крајот на откупот, а не постојано да има ситуација топло-ладно. Линијата да биде иста на целата територија на Македонија. Отстапки да нема за ниту еден откупувач, ниту за едно откупно место. Доколку не добиеме такви гаранции, в среда ќе има протести низ цела Македонија. Имаме поддршка од оризопроизводителите, од лозарите“,
изјави Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на групата македонски тутунари.
Освен Тутунскиот комбинат, другите откупувачи не го почитуваат договореното во петокот, односно овен што проценката не е реална, се земаат и само пет отсто од првата берба, иако законски обврската е 30 проценти.
„На терен работата не е како што се договоривме. Прво, сѐ уште се одбиваат нетутунски материјали, повеќе од договореното, проценката повторно е нереална. Се земаат само пет отсто од првата берба, а законски е 30 проценти. Земаат на еден тон две кутии, другото, велат да се врати назад. Се слушнавме со министерот за земјоделство, бараме утре да дојде, да се појде во фирмите директно да преговараме. Доколку не сакаат, покрај што поверениците ќе стопираат и ќе пријавуваат до второстепената комисија, ќе ги блокираме откупните компании“,
рече претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија Менде Стомнароски.
Од 23 000 тони тутун, досега се откупени само 1,6 отсто. Во земјава од тутунот живеат околу 30 000 семејства. Инаку, утре, 15 декември, е крајниот законскиот рок сите откупувачи да ги отворат пунктовите.