Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, на денешната прес-конференција во Владата по повод стоте дена Влада, потврди дека за в среда е закажан состанок на амбасадорите во Брисел (КОРЕПЕР) и најави дека не е исклучено да се одржи уште еден неделава, на чиј дневен ред ќе биде и прашањето за С Македонија. Сепак, тој истакна дека не би сакал да дава големи надежи околу исходот.
„Точно е, ќе има КОРЕПЕР в среда, не е исклучено да има до крајот на неделата уште еден. Без намера да покренувам големи надежи. Како што ние немаме намера да кренеме раце така и германското претседателство се обидува да изврши пробив. Ќе видиме како ќе се одбиваат работите во следните неколку дена“,
рече Димитров одговарајќи на новинарско прашање дали е можно промена на исходот во однос на ветото на Бугарија за преговарачката рамка.
Како што потврдиле за МИА од Советот на ЕУ, в среда ќе се одржи нов амбасадорски состанок на кој на дневен ред се ставени заклучоците за проширувањето, кои беа отстранети минатата недела поради блокадата на Бугарија за преговорите со Северна Македонија.
Дискусијата за проширувањето беше целосно симната од дневен ред поради несогласувањата помеѓу земјите членки на ЕУ, посебно поради ставот на Софија дека не може да се одржи првата меѓувладина конференција за пристапни преговори со Северна Македонија без решавање на билатералните спорови.
Нејасно е во овој момент каков компромис ќе предложи германското претседателство. Извесно е дека претседателството подготвува нови заклучоци, но тие сѐ уште не се објавени, пренесува МИА од Брисел.