На предвремените избори за градоначалници во Штип и Пласница денеска гласале 198 граѓани. Станува збор за болни и изнемоштени лица, како и притвореници и осуденици.
Како болни и изнемоштени кои се наоѓаат во своите домови, денеска можеле да гласаат 142 гласачи од кои 66 од Штип и 76 од Пласница. Правото на глас го оствариле сите 66 штипјани и 70 жители на Пласница.
Во центрите за вонсемејна грижа, пак, гласал еден жител на Штип.
Кога се во прашања лицата што издржуваат казна затвор или притвор, можеле да гласаат 67 штипјани, а правото го оствариле 60. Од Пласница, пак, само едно лице се наоѓа во затвор и тоа го искористило правото на глас.
Вчера, пак, гласаа лицата кои се позитивни на ковид-19 или имаат решение во изолација. Правото на глас го остварија 12 штипјани, додека во Пласница немаше пријавени за гласање.
Утре е главниот изборен ден. Предвремени избори за нови градоначалници на овие две општини, кои ќе имаат мандат од девет месеци, се избираат откако претходните заминаа на нови функции во законодавната и извршната власт.