Ќе има доволно вакцини за да се вакцинира населението и државата нема да штеди пари за набавка за таа намена, рече премиерот Зоран Заев во вечерашносто интервју на Телма.
Соопшти дека денеска е платен аванс за 833 илјади вакцини кои ќе бидат набавени преку Ковакс системот, а дека дополнително е обезбедена и гаранцијата за останатиот дел од парите што треба да се платат по пристигнувањето на вакцините.
„Денес на Влада помина обезбедувањето на гаранцијата која по пат на јавна аукција ја понудија повеќе банки. Победи Комерцијална банка со најниска провизија за останатите седум ипол милиони евра кои ќе треба да ги доплаќаме кога ќе стигнат вакцините. Организирани се и најмалку девет фирми кои ги имаат обезбедено сите услови за чување на вакцините“,
рече Заев.
Освен преку Ковакс системот, побарани се и 800 илјади вакцини од 100-те милиони вакцини што Европската унија ги набавува за земјите од Европа кои не се членки на Унијата, а одредена количина, премиерот очекува и од Грција, која, како што рече, набавила вакцини за себе но и за Северна Македонија и за Албанија.
Вакцинирањето ќе оди исто како и во останатите држави, прво здравствените работници, повозрасните граѓани и хронично болните.
„За нас е многу важно кога вакцината ќе стигне во Европа, да стигне и кај нас“,
рече Заев.