Првично се планира набавка на 800 илјади вакцини за 400 илјади македонски граѓани, за што се обезбедени 390 милиони денари, односно 6,7 милиони евра од буџетот
Владата денеска ја усвои Информацијата за обезбедување финансиска гаранција за плаќање по склучениот договор за преземени обврски (обврзувачки договор за набавка), помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Глобалниот сојуз за вакцини ГАВИ (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за ковид-19 преку механизмот Ковакс за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за ковид-19.
Премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими во дебата на МТВ минатиот месец соопштија дека првично се планира набавка на 800 илјади вакцини за 400 илјади македонски граѓани, за што се обезбедени 390 милиони денари односно 6,7 милиони евра од буџетот.
Бесими кажа дека од кредитот со Светска банка предвидени се средства и за вакцина, а на годишните средби исто така им било кажано дека дополнително ќе ѝ дадат на државата пари само за вакцини.