Прифатени се и заклучоци според кои за Уставниот суд се предвидуваат дополнителни средства во износ од 9 милиони денари во делот за плати и надоместоци, како и дополнителни средства за развој на јавниот радиодифузен сервис
Владата на денешната седница го утврди текстот на дополнетиот предлог-буџет за 2021 година.
Владата прифати 18 амандмани што произлегоа од расправата за буџетот во собраниските комисии и донесе одлука текстот на дополнетиот предлог-буџет за следната година да биде доставен до Собранието на усвојување.
Како што соопштија од Владата, прифатени се и заклучоци кои гласат: кај буџетскиот корисник – Уставен суд да се предвидат дополнителни средства во износ од 9 милиони денари, во делот наменет за плати и надоместоци, како и со измените и дополнувањата на буџетот за 2021 година да се обезбедат дополнителни средства за постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис.
Пленарната расправа за буџетот, како што е предвидено со собранискиот Деловник, може да трае пет дена. Во текот, пак, на расправата за буџетот за следната година во Комисијата за финансирање и буџет беа поднесени над 500 амандмани, најмногу од ВМРО-ДПМНЕ, но и од Алијансата за Албанците/Алтернатива.
Со предлог-буџетот е предвиден раст на економијата во државава од 4,1 процент, буџетски приходи во износ од 212,6 милијарди денари и расходи од 247,5 милијарди денари, буџетски дефицит од 4,9 проценти од БДП, како и капитални инвестиции во износ од 23 милијарди денари…