На листата што ја објави вицепремиерот, а за која вели дека е флуидна, ги нема засега ексминистрите на ВМРО-ДПМНЕ, Пешевски и Миновски, ама има неколку поранешни високи функционери на СДСМ – Ивановски, Поповски, Узунов
Битиќи информира дека станува збор за неформално тело, односно, како што вели, платформа за дискусија со луѓе кои можат да дадат мислење, совет или експертиза, а кои не се професионално ангажирани во неговиот кабинет, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту, пак, ќе примаат каков било надомест
Веле Самак, поранешниот министер без ресор, задолжен за привлекување странски инвестиции во владите на Никола Груевски и Виктор Мизо, кој во тоа време беше директор на ТИРЗ, се меѓу дваесетината активни членови на платформата „За татковината со љубов“, според списокот што го објави на Фејсбук актуелниот вицепремиер за економија Фатмир Битиќи.
#заТатковинатаСоЉубов
Posted by Fatmir Bytyqi on Thursday, December 10, 2020

На листата ги нема поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексминистерот за финансии Кирил Миновски, за кои Битиќи синоќа не негираше дека се дел од тимот.
Во денешната објава на Фејсбук, Битиќи информира дека станува збор за неформално тело, односно, како што вели, платформа за дискусија со луѓе кои можат да дадат мислење, совет или експертиза за да се дојде до поквалитетни предлози и политики. Тие, како што укажува, не се професионално ангажирани како советници во неговиот кабинет или во Владата, ниту нивните мислења се обврзувачки за Владата ниту, пак, ќе примаат каков било надомест.
Како што пишува во објавата Битиќи, активни членови на платформата моментно се:
Агим Мамути;
Благица Петрески;
Борче Треновски;
Борче Смилевски;
Борис Ефтимовски;
Ванчо Узунов;
Веле Самак;
Висар Адеми;
Вељанд Рамадани;
Виктор Мизо;
Горан Рафајловски;
Зоран Кочоски;
Игор Ивановски;
Игор Андреев;
Коста Петров;
Љупчо Зиков;
Марјан Петрески;
Никица Мојсовска Блажеска,
Никола Поповски;
Нина Фити;
Олимпија Заевска Христова;
Сашо Ќосев.
Битиќи потенцира дека планираат во тимот да ги вклучат сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес, но оти нема да дозволат, како што вели, никакво компромитирање на оваа благородна иницијатива ниту, пак, какво било партиско-политичко профитирање.
„Составот на #ЗаТатковинатаСоЉубов е флуиден, односно ќе се менува во зависност од темата. На првиот состанок имаше повеќе од 20 економски експерти од различни области. Сега веќе се пријавија уште десетина други што би сакале да учествуваат на наредните состаноци“,
напиша Битиќи.
Дополнува дека експертите присутни на првиот иницијален состанок на платформата „За татковината со љубов“ се домашни професионалци од повеќе различни економски области, кои се подготвени да го стават својот капацитет во функција на државата. Тие, потенцира, доаѓаат од различни политички провениенции и економски школи, но заедничко за сите нив е што се отворени за соработка и совети во интерес на забрзан економски развој, долгорочно планирање на развојот на економскиот систем и доброто на државата.
„Членовите на платформата ова го прават волонтерски и јас сум благодарен што сите овие луѓе изразија подготвеност про боно да одвојат време и да дадат совет, коментар, мислење или идеја во интерес на нашата земја. Засега планирана динамика на состаноци е еднаш месечно. Тенденција ни е да ги вклучиме сите заинтересирани релевантни експерти за поединечни теми на интерес и составот верувам дека ќе се проширува значително во иднина. Повеќе различни аспекти на гледање на работите, можат само да бидат од корист. Сите што сакаат да помогнат се добредојдени“,
порача Битиќи.