Османи истакнал дека С Македонија високо го цени холандскиот „строг и фер“ принцип, што значително ни помага во спроведување на реформската европска агенда и имплементирање на европските стандарди
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше телефонски разговор со холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок, кој истакнал дека Холандија го поддржува отпочнувањето на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија откако ќе биде усвоена преговарачката рамка и поддршка во спроведувањето и продлабочувањето на реформскиот процес.
Како што соопшти МНР, Османи истакнал дека С Македонија високо го цени холандскиот „строг и фер“ принцип, што значително ни помага во спроведување на реформската европска агенда и имплементирање на европските стандарди.
„Холандија се вбројува помеѓу најголемите билатерални донатори на нашата земја, што претставува исклучителен придонес за севкупниот напредок, како и за европската перспектива на земјава“,
посочил Османи и изразил благодарност за принципиелната и недвосмислена поддршка од Холандија за европската интеграција на нашата земја, посебно преку поддршка на судството, реформа на јавната администрација и приближувањето кон европското законодавство.
Ова е уште една потврда за холандската поддршка за усвојување на преговарачката рамка и отворањето на преговорите на нашата земја со ЕУ, откако пред една недела холандската амбасада во Скопје ги демантираше пишувањата на софискиот весник „24 часа“ и објавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на социјалните мрежи дека Холандија со Данска ѝ дале поддршка на Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
„Тоа се целосно неосновани и лажни вести“,
реагираа од холандската амбасада во Скопје на 4 декември.