Материјалните докази на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Меѓународен сојуз“ и денеска се презентираат на судското рочиште во Основниот кривичен суд.
Како и на минатото рочиште, и сега се презентираа пораки од мобилниот телефон на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, од кои можеше да се види како тој нарачува и купува алишта и накит од Милано, како и договара барања за поврат на ДДВ за купената стока.
Боки повторно реагираше и во судницата уште еднаш посочи дека требало да биде извршено вештачење на неговиот телефон.
По неговите пораки, се продолжи со презентирање на комуникацијата на заменик-претседателката на „Меѓународен сојуз“, Јасна Ерцеговиќ. Таа реагираше на презентацијата на доказите и рече дека Обвинителството треба да укаже дека тоа, според нејзините тврдења, не е нејзина лична, туку само препратена комуникација од други лица.
Одбраната на поранешната пратеничка Фросина Ременски, која исто така седи на обвинителка клупа, на денешното рочиште побара да се дозволи сослушување на вештаците што ги изработиле вештачењата кои се докази во постапката. Судијката Софче Гаврилова-Ефремовска, пак, посочи дека дополнително судот ќе одлучи за ова барање, но ѝ укажа на одбраната дека доказите биле поднесени уште на 2 септември годинава и досега одбраната не барала сослушување на вештаците.
Во предметот, Јовановски како првообвинет се товари за делата измама и перење пари. Ерцеговиќ, и асистентката на Боки, Христина Блажевска, за помагање во делата измама и перење пари, а Ременски за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет Обвинителството тврди дека двајца бизнисмени, Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.