Бучковски има мандат од една година и ќе работи на реализација на акцискиот план за успешно спроведување на Договорот за пријателство
Специјалниот пратеник на Владата за решавање на недоразбирањата со Софија, Владо Бучковски, денеска ја започнува својата прва официјална посета на Бугарија.
Од бугарското МНР соопштија дека вицепремиерот и министер за надворешни работи Екатерина Захариева денеска ќе го прими специјалниот претставник на Република Северна Македонија за Бугарија, Владимир Бучковски.
По разговорите, Захариева и Бучковски ќе одржат прес-конференција во Министерството за надворешни работи.
Бучковски, како што изјави за бугарските медиуми, за време на посетата на Софија ќе има средби и со премиерот Бојко Борисов и министерот за одбрана Красимир Каракачанов, а в четврток ќе се сретне и со претседателот Румен Радев.
Официјалната посета на Бучковски во Софија доаѓа на помалку од една недела откако тој беше назначен за специјален претставник на македонската Влада за решавање на спорот со Бугарија.
Поранешниот премиер и министер за одбрана, како и некогашен лидер на СДСМ, последниот период беше често присутен и на медиумите во Бугарија, каде што ги пренесува своите ставови во однос на надминувањето на недоразбирањата со С Македонија.
Бучковски, универзитетски професор по римско право, сега е ангажиран на докторските студии на бугарскиот државен универзитет „Уни БИТ“, а исто така е дел од мрежата „Jus Romanum“ на Софискиот универзитет.