Според опозицијата, Стево Пендаровски треба да понесе одговорност зашто вонинституционално одлучил и отфрлил можност за членство во Европската економска зона
Од опозициската партија го обвинуваат Пендаровски дека „ја гали суетата“ на Заев и бараат одговор од двајцата која е сега алтернативата, нагласувајќи дека такво прашање нема да се чуе на „договорени интервјуа“
Стево Пендаровски покажа дека работи како продолжена рака на Зоран Заев и денес настапи каков негов слуга, наместо како слуга на народот. Неговото бледо издание практично значи споделување на одговорноста за фијаското кое ѝ се случува на државата на економски, политички и здравствен план, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по интервјуто на претседателот на државата за Сител.
„Бидејќи Пендаровски не е задоволен од функционирањето на кризниот менаџмент со корона кризата, прашањето е што тој направи за да го смени тоа, освен што ја гали суетата на најнеуспешниот премиер во историјата на земјата Заев и служи како испомош секогаш кога Заев ќе западне во криза. Впрочем дека Стево Пендаровски не е искусен за позицијата што ја има се зборови на самиот Заев“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на изјавата на Пендаровски за Европската економска зона, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека продолжува незрелото однесување на шефот на државата.
„Наместо да прераскажува состаноци, лични впечатоци и лични мислења, без да има расправа во државните институции, само потврдувајќи дека султански пресекол и дека нема базично познавање на поимите Европска економска зона и Европска економска заедница, треба да понесе одговорност за тоа што еднострано, вонинституционално одлучил и отфрлил земјава да биде членка на значајна организација како што е Европската економска зона. Негова вина и резултат на општа неспособност на овој државен врв е што не се избори за членство во Европската економска зона и членство во Европската Унија, а не да се наметнува состојба на избор „или едното, или другото”. И сега кога ефектот на владеењето на Заев е рецесија и вето, и Пендаровски и Заев треба да одговорат која е алтернативата? Се разбира ова прашање нема да се чуе на договорените изјави и интервјуа, но ова е прашање кое си го поставува и го засега секој еден граѓанин на државата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.