На 30 август Собранието ја избра новата Влада со 62 гласа „за“. „Тенкото“ мнозинство, според премиерот Зоран Заев, не требаше да биде пречка за ефикасно спроведување на ветените политики. А, освен справување со здравствената и економската криза поради ковид-19, мандатарот тогаш најави и други приоритети.
„Уште во првите месеци од мандатот новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна независна правна држава“
изјави премиерот Зоран Заев на 30.08.2020.

Со намален број министри од 26 на 19, навршуваат 100 дена од формирањето на старо-новата влада. Секој за својот ресор доби мандатно писмо со задачи и предупредување дека може да биде сменет ако не работи посветено.
Владеење на право и судство
Уривање на дивоградбата во Мавровка со владина асистенција – ова беше една од одлуките на првата седница на Владата, одржана на почетокот на септември. Според власта, тоа требаше да биде сигнал дека таа бескомпромисно ќе се справува со „незаконските делувања пред очите на јавноста“.

Новиот министер за правда вети дека во првите сто дена од мандатот ќе биде подготвен модел за прочистување во правосудството, кој треба да ја зајакне одговорноста на судиите и обвинителите кои намерно застаруваат предмети.
„Не е готов, затоа што не се истечени деновите, меѓутоа и затоа што се подготвува интензивно. Можам да ве уверам дека до крајот на годината, до 30 декември, очекуваме да биде усвоен и објавен. Усвоен од Советот на обвинители, од Судскиот совет и Советот за судски реформи на Владата“
вели министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Спроведувањето на моделот ќе почне идната година, вели Маричиќ, без измена на постојните закони, а независноста на судство ќе се јакне и преку зголемување на буџетот.
„Јас верувам дека сме во можност наредната година да ги решиме платите на судиите, платите на јавните обвинители, платите и другите придобивки на судските и јавнообвинителските службеници и, секако, решавање на судската и затворската полиција. Ние се решивме за еден етапен пристап со судските и со јавнообвинителските власти, а тоа е од средината на наредната година да започне етапно зголемување кое до 2023 ќе не доведе до овие законски проценти, а тоа 0,8% од БДП во судството и 0,45% од вкупниот буџет во судството“
додава Маричиќ.
Здравство и ковид-19
На крајот на октомври Собранието го измени законот за заштита на населението од заразни болести, со што носењето маска стана задолжително и на отворено. Мерката стапи на сила во екот на есенскиот бран на коронавирусот, кој донесе рекорди во бројот на заразени и починати.

Ресорниот министер вели дека здравствениот систем се реструктуирал за справување со пандемијата. Проширени се ковид-одделенијата, се подготвуваат модуларните болници, зголемени се болничките капацитети и медицинскиот кадар – сето тоа, според Филипче, е направено во изминатите месеци.
„Се обезбедија дополнителни 150 кревети на интерните клиники, после 60 години заврши реконструирањето на интерните клиники, еве сега е во завршна фаза, меѓутоа со целосно нови ходници и проток на пациенти за потребите за третман од ковид. Понатаму, се обезбеди голема количина на рапид тестови, се зголемија капацитетите за тестирање“
вели министерот за здравство Венко Филипче.

И покрај тоа што фокусот е на справување со епидемијата, во владината програма се наведени и други мерки што треба да се реализираат до крајот на годинава – набавка на 70 амбулантни возила за итната помош и апликација наречена „Мое здравје“, која ќе содржи електронски податоци со историјат на болести за секој пациент.
И двете работи кои ги спомнавте се во план. Беа детално планирани и се работеше на тоа, но за жал ковид–кризата го одложи нивното планирање. Возилата се практично заеднички проект со Кина и од кинеската амбасада тука ни беше кажано дека, за жал, нема да може да се реализира тој проект оваа година туку ќе се реализира на почетокот на 2021. Делумно апликацијата се реализираше во делот на електронскиот рецепт и сега тоа функционира во нашата земја. И целосно апликацијата ќе биде финализирана до крајот на оваа година“
додава Филипче.
Од 20 ноември е прогласена кризна состојба. Ангажирана е Армијата, а државата делумно ќе може ги користи и капацитети на приватните болници за лекување пациенти со ковид-19.

Но, и покрај тоа, начинот на кој власта се справува со здравствената криза е прв на удар на опозицијата. За ВМРО-ДПМНЕ главниот виновник е токму министерот за здравство.
„Менаџментот е лош. Кога имаше 30-40 заболени дневно се воведуваше карантин, денеска има 1100, 1200, 1300 заболени дневно, не се воведува карантин или полициски час. Јас не знам дали тогаш беше правилно или не, дали сега е правилно или не, тоа треба да го кажат експертите, но тука очигледно не гледаме експертиза“
вели потпретседателoт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Од тие причини, вели Николоски, побарале формирање специјална експертска и натпартиска комисија за справување со пандемијата. Освен во здравството ВМРО-ДПМНЕ бара излез и од економската криза, како и решение за евроинтеграцискиот процес и односите со Бугарија.

„Ние побаравме оставка од премиерот Заев, тој за жал не ја дава и затоа поднесуваме прашање за доверба на владата, а после тоа да се формира Влада на национален спас, на која поддршка би и дале сите политички партии застапени во Собранието и во која што најголемите умови во оваа држава, најстручните луѓе би се собрале за да ја извадат државата од овие три кризи кои ги споменав, а после тоа да одиме на предвремени парламентарни избори на кои повторно би се избрала политичка Влада“
додава Николоски.

Економија
Справување со економската криза беше уште едно од ветувањата на премиерот Заев во експозето при изборот на новата Влада. Т.н. четврт пакет мерки тежи 470 милиони евра и во најголем дел ги опфаќа туристичко-угостителските дејности. Министерот за економија тврди дека немаат заостанати обврски, а тоа што го одложиле за идната година е пренаменето за справување со корона-кризата.

„Повеќе од јасно е дека не се реализирани мерки предвидени во буџетот за следната година, во главно мерки кои произлегуваат од програмата за зголемување на конкурентноста, иновации и претприемништвото, истовремено и мерки кои се однесуваат на енергетската ефикасност и сите средства се пренаменети за помош на претпријатијата со единствена цел да ја надминат кризата полесно, да ги зачуваат работните места и истовремено да се зголеми нивната ликвидност“
вели министерот за економија Крешник Бектеши.
Евроинтеграции
„Во тоа време, на почетокот, имаше една администрација. Потоа Бугарија се приклучи кон антифашизмот, се бореше за слобода, за демократија и несомнено беше дел од антифашистичкиот фронт. Бугарските и македонските трупи ослободија неколку територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел. И ова е добар дел од нашата историја, што нè прави уште пообединети“
изјави премиерот Зоран Заев ви интервју за БГНЕС (25.11.2020)

Ова интервју го одбележа крајот на првите сто дена од Владата „Заев 2“. Тоа на премиерот му донесе многу главоболки дома, а не беше доволно да ја одоброволи Владата на Борисов и Каракачанов да ја крене блокадата за Македонија во ЕУ. Ако не се случи чудо во последен момент, остварувањето на владиното ветување за одржување на првата меѓувладина конференција се одлага најрано за напролет, по парламентарните избори во Бугарија.