Министерот Филипче пред еден месец најави дека првите дози се очекуваат во јануари или февруари
Вакцинацијата за ковид 19 ќе биде бесплатна за сите граѓани, а лична одлука на секој граѓанин е дали ќе се вакцинира. Приоритет ќе имаат ризичните групи и за нив вакцинацијата е високо препорачана, но не задолжителна. Вакцинација ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови во здравствените домови низ државата, болници и други здравствени капацитети, а секој здравствен дом ќе треба да достави извештај со бројот на кадарот за вакцинација, нивната обученост бројот на вакцинални пунктови, во колку смени работат во работни денови и викенди, како и колку од персоналот учествувал во обуки за одржување на „студен синџир“.

Ова денеска е договорено на средбата на министерот за здравство Венко Филипче со директорите на здравствените домови од цела држава, за вакцинацијата против ковид 19.

„Се поставува посебен модул на Ковид 19 вакцина, идентичен како оној кој сега се користи за други вакцини. За нашите колеги во вакциналните пунктови ќе биде стандардна постапка за давање вакцина, сепак бидејќи е нова вакцина ќе се организиара едукативен тренинг“,
рече проф. Д-р Александра Грозданова.
Филипче минатиот месец изјави дека очекувањата се дека во првите месеци на следната година, во јануари или февруари, би можеле да ги добиеме првите дози од вакцините против ковид.