Италијанската влада денеска соопшти дека воведува забрана за патувања за време на божиќните и новогодишните празници, за да се намали ризикот од ширење на коронавирусот.
Целта на новите правила, заедно со оние кои моментално се во сила, меѓу кои и полициски час, е да се запре циркулацијата на вирусот низ земјата за време на празниците, со тоа што ќе се ограничи бројот на присутни на едно место.
Кафулињата и рестораните ќе останат затворени во регионите кои се во црвена или портокалова зона, додека во жолтата зона, угостителските објекти можат да работат до 18 часот, додека полицискиот час е во сила низ целата земја од 22 часот. Во жолтите зони, каде што рестораните се отворени до 18 часот, Владата сè уште размислува дали да им дозволи на овие објекти да служат ручек на Божиќ и ден подоцна, на 26 декември.
„Ако сега го спуштиме гардот, третиот бран е веднаш тука“,
изјави министерот за здравство Роберто Сперанца.
Патувањата меѓу италијанските покраини ќе бидат забранети од 21 декември до 6 јануари, а нема да им биде дозволено напуштање на градовите на 25,26 декември и 1 јануари.
Исто така, „сериозно се советуваат“ граѓаните да не одат во посети кај пријатели, роднини, соседи, и да бидат само со членови на семејството.
Другите ограничувачки мерки ќе бидат воведени во текот на денов, а се очекува секој што ќе влезе во Италија да биде должен да помине десет дена во карантин, почнувајќи од 20 декември.
Овој потег е со цел да ги спречи Италијанците да одат и во ски-центри во некои европски земји.
Скијачките центри во Италија ќе бидат затворени, а нема ниту крстарења.
Одлуката на италијанските власти следува и покрај вчерашното соопштение од ЕК која препорача патувањето со авион да не се смета за ризично, повикувајќи се на заклучоците на Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ), како и на Агенцијата за безбедност на авијацијата во ЕУ (ЕАСА), каде што се констатира дека бројот на позитивни случаи на ковид-19 меѓу патниците кои патуваат на ваков начин е понизок отколку кај населението.
