Оставка од премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, побара ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест, против, како што велат, распродажбата на македонскиот идентитет.


Пред Министерството за надворешни работи, пратеникот Антонијо Милошоски обвини дека се водат тајни преговори со Бугарија и побара одговорност.

„Османи и тројца негови соработници кои цел викенд беа затворени во МНР и преговараа со нивни колеги од Софија. Што преговараа и што договорија? На чија сметка, кој им дал мандат да преговараат за историја и јазик на македонскиот народ. Не се чудете зошто Османи, Димитров и Заев не доаѓаат во Собранието, бидејќи се навикнати на тајни преговори. За жал, она што го ветуваа ‘Живот за сите и европска Македонија’ гледаме дека денес стана само полошо место за живеење оваа држава поради корумпирани политичари кои националните интереси ги гледаат како предмет за преговори за да останат во фотелјите. Заев ветуваше дека ќе ја однесе Македонија во Европа, за да заглави во бугарскиот Пазарџик и да се ценка и да распродава она што никој досега не помислил да го распродава а тоа е националното достоинство. Оставката е прв чин, после треба да се бара одговорност. Не може на овој начин кога се оди против народот, против оние кои се бореа против фашизмот, не може да не се одговара“,
рече Милошоски.
Блокада имаше и на улицата пред Владата, каде што се обрати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

„Еве веќе недела дена, Македонците, граѓаните на Македонија, од сите краеви на Македонија го креваат гласот против најголемото национално предавство кое и се случува на Македонија. Ова овде, оваа блокада е уште еден сигнал за оние кои седат одзади, тука на чело со Зоран Заев, дека денес, сега, ова е моментот во кој треба да поднесат оставка и да престанат да ја понижуваат Македонија и македонскиот народ. Денес оставка, за да престанат да тргуваат со македонската историја, македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската култура. Денес оставка, затоа што за пусти пари распродаваат работи кои не се продаваат, за пари за бизниси, за да им работат фирмите во Струмица, ама и фирмите во Бугарија, да им работат фирмите во Струмица, ама и фирмите во Петрич“,
кажа Николоски.