Српската војска попладнево во Ниш ги претстави современите тенкови T-72 MC кои се донација од Русија. Претседателот на Србија Александар Вучиќ придружуван од рускиот амбасадор земјата Александар Боцан – Харченко на претставувањето на тенковите рече дека тие се значаен напредок за српската копнена војска и придонесуваат за нивна поголема борбена готовност.
Тој рече дека Србија добива 11 нови тенкови T-72 МС кои имаат подобра навигација и заштита, а потсети дека ќе добијат и 10 оклопни возила БРДМ2. Според српскиот претседател, целта е што повеќе да се зајакне војската и позицијата на воена неутралност, со цел, како што вели – „да се одврати секаков потенцијален агресор кон Србија“. Вучиќ изрази благодарност до Русија и до рускиот претседател Владимир Путин за остварувањето на планираните донации и заемната соработка.

Рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, рече дека соработка меѓу Русија и Србија на воено-техничката сфера ќе продолжи и понатаму.
„Секогаш сме задоволни кога нашите соработки и плодовите од тие соработки се видливи како денеска“,
рече Боцан-Харченко.

Истакна дека стабилно се реализираат сите планови меѓу претседателите на Србија и Русија во сите области, како и во оваа област, чија цел е зајакнување на воената способност на Србија.
„Неутралниот воен статус најмногу се цени кога можете сами да го заштитите“,
додаде Боцан-Харченко.
Тој рече дека Русија со радост ќе продолжи да ги испорачува и останатите оклопни возила и други видови на оружје, со цел Србија да го зацврсти суверенитот и неутралниот статус.
