Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет, рече Мицкоски на денешниот антивладин протест
Четири пораки упати лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот антивладин протест пред Владата. Тој посочи дека предупредувал дека сегашнниот премиер Зоран Заев додека бил во опозиција им ветувал на бугарските политичари ретуширање на историјата, а според Мицкоски, Заев тоа го кажал и во последното интервју дадено за БГНЕС.
„Но тогаш како и секогаш претходно кога предупредував на ова, на големите порази кои ги навестуваше Заев, тие одговараа дека тоа не било ништо друго освен во главата на вмровците“,
рече Мицкоски во неговото обраќање.
Во пораките кои тој ги испрати, првата е адресирана до политичарите во Бугарија, Мицкоски им порачува наместо да го обвинуваат дека води антибугарска хистерија тие да дојдат и да се извинат пред споменикот на паднатите борци од народноослободителната борба. Мицкоски ги повика да клекнат по примерот на Вили Бранд и да се извинат.
Мицкоски ја повика и меѓународната заедница да не се дозволува некои политичари од земја членка, наместо политика на иднина, да шират политики од среден век, ревизионистички политики, хегемонски политики на големи држави и нации.
„Ајде да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за почист воздух, ајде да зборуваме и да му помогнеме на овој народ, да и помогнеме на Македонија еден ден да седне со вас на маса во европското семејство, во обединета Европа и да зборуваме за квалитетно образование. Дозволете му на овој народ на отпочне преговори со Европската унија, а овој народ ќе ви врати, ќе ви врати со сето срце и знаење кое го има, и ќе го изоди најбрзиот пат до полноправно членство во Европската унија“,
рече Мицкоски.
На премиерот Зоран Заев и Владата, Мицкоски им порача да не се пазарат со македонскиот идентитет, а со последната четврта порака се обрати до граѓаните на земјава и ги повика да се придружат на антивладините протести.
„До македонскиот народ и до македонската нација, до Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците, Еѓипјаните, до сите наши сограѓани, излезете браќа и сестри и помогнете и на Македонија. Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет, да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден и да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата, тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот“,
рече Мицкоски.