Компанијата во соопштението објави дека нејзината вакцина е многу ефикасна во спречување на ковид-19 и не се пријавени хоспитализации или тешки случаи на заболување кај учесниците што ја примиле вакцината
Фармацевтската компанија „Астра Зенека“ денеска објави дека нејзината експериментална вакцина против коронавирус покажала просечна ефикасност од 70% во спроведените големи испитувања на компанијата, што е последно од неколкуте испитувања за вакцини ширум светот, кои ги објавија неколку други компании овој месец.
Вакцината, развиена во соработка со Универзитетот во Оксфорд, покажала 90% ефикасност при вакцинирање со една доза, односно кога вакцината е дадена прво како половина доза, проследена со целосна доза најмалку еден месец подоцна. Во вториот режим на вакцинирање, кога се дадени две целосни дози во растојание од еден месец, ефикасноста била 62 отсто.
Или во просек до 70 отсто ефикасност, соопштија од „Асра Зенека“.
Компанијата во соопштението објави дека нејзината вакцина е многу ефикасна во спречување на ковид-19 и не се пријавени хоспитализации или тешки случаи на заболување кај учесниците кои ја примиле вакцината.
Во истражувањето биле вклучени вкупно 131 случај на ковид-19.
Минатата недела оваа компанија објави дека вакцината покажала силен имунолошки одговор кај лицата на возраст над 60 години, кои се изложени и на најголем ризик од вирусот.
Денешната вест следува откако на почетокот на овој месец две американски компании, „Модерна“ и „Фајзер“, објавија дека нивните вакцини се ефикасни до 95 отсто.
Денеска и германската компанија „ИДТ биологика“ објави дека планира до крајот на годината да ја почне втората фаза од тестирањето на експерименталната вакцина против коронавирусот.
Британските медиуми, кои го цитираат извршниот директор на компанијата, Јирген Бечинг, објавуваат дека прогнозите се дека вакцината ќе биде одобрена во 2021 година.
„Доколку бидат успешни сите клинички испитувања, можеме да аплицираме за регистрација до крајот на 2021 година“,
изјавил Бечинг на прес-конференцијата.
Германија претходно денеска објави дека во декември може да почне со вакцинирање на граѓаните против коронавирусот.
„Има причини да се биде оптимист дека вакцината годинава ќе биде одобрена во Европа. И тогаш, веднаш, може да почнеме со вакцинирање“,
рече министерот за здравство Јенс Шпан во интервју за германски РНД.
Британските медиуми пренесуваат дека тој од германските сојузни држави побарал до средината на декември да подготват центри за вакцинација.
Вчера шефот на американската програма за брз развој на вакцината за коронавирус, д-р Монсеф Слауи, рече дека првата вакцинација во САД може да започне да се произведува на 12 декември.
Во меѓувреме, и Кина пред два дена објави дека речиси еден милион луѓе досега ја примиле експерименталната вакцина што ја развива кинеската фармацевтска компанија „Синофарм“ во рамки на итната програма одобрена од кинеската влада.
Досега не се регистрирани никакви негативни ефекти меѓу примателите на вакцината, соопшти раководството на компанијата.